По реакциите во јавноста за бетонирањето на неколку дрвја на кејот „13 Ноември“, екипите на Град Скопје ги ослободија дрвјата, информираат од Градот во соопштение до јавноста.
Од таму велат дека бетонирањето на дрвјата било по грешка на изведувачот и дека веднаш се реагирало за нивно ослободување.

„Дрвјата биле бетонирани по грешка на изведувачот, а за ситуацијата веднаш реагираше и градоначалникот Шилегов кој вчера беше присутен на терен и ја координираше работата на службите што беа задолжени за експресната интервенција при ослободувањето на дрвјата. Со ослободувањето, сите дрвја на кејот сега се целосно заштитени и нема да имаат последици при нивното растење и развивање“,
се вели во соопштението на Градот.
По налог на градоначалникот Шилегов, од страна на градскиот инспекторат бил направен и записник според кој изведувачот ќе биде казнет.
Град Скопје искажува благодарност до граѓаните и невладините организации за, како што велат, алармантноста при грешката на изведувачот што овозможи брза реакција на градските служби.
„Со реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот.На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила“,
се додава во соопштението.