Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, во интервју за “360 степени”, вели дека на последните состаноци на ЕУ имало “растечка фрустрација од фактот дека не може да се напредува кон отворање на преговори со Албанија и со Северна Македонија”. Со Шаленберг расговаравме на маргините на “Преспа форум за дијалог” во Охрид.
360°: Министре, дали има разбирање меѓу земјите членки на ЕУ дека Унијата значително го губи својот кредибилитет овде на Западен Балкан со тоа што манифестира немоќ со неможноста да се отворат пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија?
Би рекол дека разговорите се во тек и дека, секако, ја гледаме оваа опасност. Ние, зборувам во име на Австрија, сакаме да почнеме пристапни разговори со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека веќе се доцни – тоа требаше досега да го направиме и постојано работиме на ова прашање. Како што секогаш велам, овде не станува збор за европски заден двор, како што некои го гледаат, туку за европски трем, овој регион е опкружен од земји членки на ЕУ, нема регион што е поевропски од Западен Балкан, а ние Австријците имаме многу тесни врски – емотивни, човечки, економски, политички и оттука би било најприородно да ве имаме вас како партнери и полноправни членки на ЕУ.
360°: А што станува со прашањето на кредибилитет?
Апсолутно сте во право, ова е проблем. Верувам, се уште верувам, дека мнозинството земји членки апсолутно се „за“ почеток на пристапните разговори, би кажал речиси 26 членки, ако не и 26 земји членки се „за“. Свесни сме за прашањата и знам дека португалското претседателство напорно работеше за тие прашања и имам високи очекување од словенечкото претседателство дека ќе продолжи со напорите и, повторно, би кажал дека за овој регион има само една перспектива – европска. Ова го велам зашто е европски регион, а и за самата Европа и за нејзиниот интерес – наш интерес е Западен Балкан да биде полноправен член на ЕУ.
360°: Рековте „речиси 26 земји членки“, нешто што ме води до моето наредно прашање. Има чувство дека бугарската блокада е тивко одобрена од некои земји членки кои во основа не се „за“ натамошно проширување.
Не верувам во тоа. Она што го гледам е растечко нетрпение, билатерланите прашања не треба да влијаат и да ги блокирааат пристапните преговори. Сите ние имаме стотици билатерални прашања. Доаѓам од регион – Централна Европа кој, исто така, е богат со историја и отворени прашања како и Југоисточна Европа и, сепак, успеавме да се прошириме во 2004 г. – нашите соседи да и се приклучат на ЕУ и не треба да има мешање меѓу билатералните и историските прашања и процесот на пристапување кон ЕУ.
360°: Иако пораките што стигнуваат од земјите членки на ЕУ се дека „сме за проширување, зашто политиката на отворени врати и условеност се најдобри алатки за стабилирање на регионот“, сепак, се чини дека сите земји членки не ги користат сите инструменти што ги имаат на располагање за проширувањето да стане попозитивен процес.
Апсолутно сте во право дека имаше време кога постоеше чувство на замореност од проширување, одредени престолнини се двоумеа, но верувам дека плимата се менува. Мојот поглед е, а имам чувство дека тоа го прават се повеќе членки, дека во политиката нема вакуум и ако ние Европејците, како ЕУ, а има голема разлика, го свртиме грбот, тогаш други ќе влетаат – дали Кина, дали Русија или Турција. А ова е европски регион, тоа не е наш интерес и оттука, во геополитичка смисла, станува збор за тоа дали нашиот начин на живот или начинот на живот на некој друг ќе се наметне тука. Верувам дека ова е размислување за кое има се поголем интерес во ЕУ и на последните состаноци на ЕУ, во Советот, имаше растечка фрустрација од фактот дека не може да се напредува кон отворање на преговори со Албанија и со Северна Македонија зашто, искрено кажано, вие направивте се што требаше и тоа го заслужувате.
360°: Дали Бугарија е изолирана во овие разговори?
Би рекол дека е.
360°: Што лично мислите за прашањето меѓу Скопје и Софија кое го отвори Бугарија? На пример, едно од нивните барање е ние, како држава, да признаеме дека македонскиот јазик има бугарски корени.
Не сакам да навлегувам во детали за овие работи. Можам да го повторам она што претходно го кажав – Австрија споделува стотици години заедничка историја со Бохемија, Моравија, Унгарија, Словенија, Јужен Тирол и, сепак, успеавме да се приклучиме на ЕУ и нашите соседи да и се приклучат на Унијата. Ова не е вистинскиот процес и вистинската рамка за да се отвораат овие прашања. Дека треба меѓусебе да разговарате, дека треба да изнајдете заедничко разбирање и дека треба да избегнувате јазик или нешто што може да го повреди вашиот сосед – сето тоа се логични нешта што немаат ништо со процесот на пристапување и го имам чувството дека Скопје навистина направи многу во однос на ова прашање, дека сте свесни дека имате соседи и дека има отоврени прашања со кои треба да се справите. Но, не би навлегувал во деталите, зашто тоа е нешто со кое вие и вашите бугарски соседи треба да најдете начин да се справите. Велам бугарски пријатели, зашто вие сте толку блиски и, најверојатно, тоа е дел од проблемот.
360°: Не би навлегувале во детали зашто ѓаволот лежи во деталите?
Знам, ѓаволот е во деталите, но како што велам, ова не треба да биде прашање на ЕУ и затоа не би сакал да ги коментирам деталите, но верувам дека имаше исклучително разумен предлог од португалското претседателство со ЕУ за кој имав впечаток дека оди навистина далеку за да ги задоволи потребите на Бугарија за да има одредено чувство на сигурност и се надевав, и се уште се надевам, дека ова е зделка која би била прифатлива за наредната бугарска влада.
360°: Кога гледате следна можност за пробив во процесот?
Верувам дека наредната шанса е по изборите во јули и во моментот кога ќе биде избрана влада, треба силно да поттурнеме. Свесен сум дека самиот премиер Заев им пристапи на политичките партии и верувам дека секој во бугарската политика е свесен дека ова е прашање во кое се набљудувани од партенрите во ЕУ, од САД и од другите партнери на Западен Балкан.