Доколку секоја одлука што ќе ја донесат судиите е со потребното мнозинство, тогаш има легитимитет, вели во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во однос на прашањето како се донесуваат одлуките со оглед што Собранието доцни со изборот на тројца нови судии и во моментов се само шест.
Меѓутоа, вели таа, има друг проблем.
„Секоја одлука што ние ќе ја донесеме ако го има потребното мнозинство, има легитимитет, затоа што одлуките можеме и со пет гласа да ги донесеме и многу често тоа се случува. Многу одлуки се донесени со пет гласа, легитимитет имаат, и никој не може да оспори таква одлука, но проблемот е во нешто друго, друго е кога девет судии дискутираме за еден предмет“,
вели Кацарска во „Трилинг“.
Според неа, одлуката има поголема тежина кога мислење искажуваат девет судии, наместо шест. Освен тоа, како што дополни, може токму еден од тие тројца нови судии со своето размислување и ставови да ги убеди останатите судии дека неговото размислување е подобро, и можеби и одлуката би била поинаква.
Кацарска порачува и дека верува во уставните судии и дека нема да дозволи никој да ѝ кажува како да работи и да гласа.
„За мене е навреда да ми се јави политичар и да ми каже како да одлучам. Тоа значи дека не ме почитува како личност, и не верува во моите квалитети како судија. Пред мене се доказите, пред мене е предметот, пред мене се странките во судницата. Јас сум таа што го знам предметот. Ние мора многу совесно да работиме, ако одлучуваме за согласност за законите на Уставот, ги штитиме човековите права и слободи, одлучуваме дури и за одговорност на претседателот на државата“,
вели Кацарска.
Целото интервју на Кацарска можете да го погледнете ТУКА.