Десет илјади вакцини „Астра Зенека“ стигнаа како донација од Хрватска, а хрватската влада донела одлука во идниот период да донира уште 20 илјади вакцини за С Македонија. Вакцините ќе бидат на „Модерна“, што би било прва пратка од овој производител во земјава, или „Астра Зенека“ која кај нас се аплицира само на лица повозрасни од 60 години.
„Хрватска искажува решителност и подготвеност за помош на своите најблиски соседи за поуспешна борба со коронавирусот. Вчера владата на Хрватска одлучи да донира дополнителни 20 илјади вакцини за С Македонија. Вакцинацијата е единствен излез од болеста ковид-19, секако со потребата да се одржи рамнотежата меѓу отворањето на границите и здравјето на граѓаните. Во рамки на ЕУ, Хрватска ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за доставување вакцини за земјите од соседството“,
изјави министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.

Вакцините веќе се дистрибуираат во вакциналните пунктови и до крајот на следната недела министерот Венко Филипче најави дека 500 илјади граѓани ќе бидат вакцинирани. Тој апелираше граѓаните да се пријават за вакцинација , а најави дека ќе почнат и со поинтензивна кампања, како и со теренска вакцинација на хронично болните и лицата што не можат да се движат.
„Во вторник следната недела ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три града ќе се вакцинираат сите граѓани и ќе добијат термин во петок следната недела. Што значи вкупната бројка на вакцинирани до крајот на следната недела ќе биде 500 илјади граѓани, што сметаме не е доволно и ја користиме секоја можност да апелираме граѓаните да се пријават за вакцинација“,
рече Филипче.

Вчера Филипче рече дека идната недела се очекува уште една пратка од 10 илјади вакцини „спутник“ ,а министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека Данска ќе донира 250 илјади вакцини за С Македонија.