Словенија го презема шестмесечното ротирачко претседателство со Советот на ЕУ од Португалија. Словенечката влада денеска ќе организира Kолеџ на комесари на Брдо кај Крањ, предводен од претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајан, на кој ќе се разговара за програмата и приоритетите на словенечкото претседателство. Според најавите, приоритетите и целите на словенечкото претседателство, под слоганот „Заедно. Издржливо. Европа“, ќе бидат зајакнување на еластичноста, закрепнувањето и стратегиската автономија на Унијата, дебата за иднината на Европа, зајакнување на европските вредности со посебен акцент врз владеењето на правото и развој на трансатлантските односи на ЕУ.
Ова е второ претседателство на Словенија со ЕУ за време на владеењето на премиерот Јанез Јанша, кое е под остри критики од државите членки на ЕУ за владеењето на правото во земјата. Во интервју за „Асошиејтед прес“, претседателот Борут Пахор изјави дека неговата земја ќе остане на традиционалниот либерален пат и ја отфрли можноста дека „автократската политика на владата“ би можела да го загрози шестмесечното претседавање со Европска Унија.
„Се разбира, има некои активности на владата со кои не се согласувам. Се надевам дека ова е шанса владата и премиерот повеќе да се фокусираат на теми од витално значење за Словенија и за ЕУ“,
истакна Пахор во интервју за „Асошиејтед прес“.
Словенија предвидува одржување на самит во октомври во обид да се забрза процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Проширувањето, како што најави Јанша пред преземање на претседателството, е еден од приоритетите на Словенија.
И претседателот Пахор порача дека една од првите задачи за нив ќе биде деблокирање на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија. Според него, тоа сега е и морално прашање за Европа, а не само политичко.