Во новата одлука на Националниот штаб во Хрватска се предвидуваат мерки на физичко растојание од 2 метри во затворен простор и околу 1,5 метри на отворено
Од денеска, 1 јули, во Хрватска стапуваат на сила нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
Во новата одлука на Националниот штаб во Хрватска се предвидуваат мерки на физичко растојание од 2 метри во затворен простор и околу 1,5 метри на отворено, а доколку тоа не е можно, задолжително е да се користат маски за лице, јавни настани и свечености може да се одржуваат до полноќ, но со не повеќе од 100 лица, со исклучок кога имаат дигитален сертификат за вакцинација, на погреби, не смее да се изразува сочувство во затворените простории, угостителските објекти мора да бидат затворени од полноќ до шест наутро, а во тој период е забранета и продажба на алкохолни пијалоци.

Ноќните клубови можат да работат без ограничувања, но само доколку се на отворено. Постои уште еден услов, влезот е дозволен само на лица кои имаат дигитален сертификат за вакцинација.
Ако некој сака да одржи приватна прослава во угостителски објект, ќе му биде дозволено, но бројот на гости не смее да надмине 30. Исто така, мора да се почитуваат сите епидемиолошки мерки.
Дозволено е да се организираат свадби со над 30 лица, но само доколку е известена надлежната окружна служба за цивилна заштита и сите лица на таа свадба имаат дигитален сертификат на ЕУ. Угостителските објекти можат да доставуваат храна и пијалоци во согласност со епидемиолошките мерки.
Што се однесува до работното време на казината и обложувалници, тоа е од 8 часот наутро до полноќ, но не им се дозволени угостителски услуги во објектите.
Мора строго да се почитуваат епидемиолошките мерки во теретаните и фитнес центрите. Исто така, се бара да се почитуваат мерките при одржување работилници и во детските игротеки. Новите мерки предвидуваат суспендирање на сите аматерски културни програми, саеми и туристички настани, каде што се изложуваат и се продаваат производи во затворен простор.
Спортските натпревари и тренинзи сè уште се одржуваат без публика, со строго почитување на епидемиолошките мерки.
За верските обреди, постои препорака, доколку е можно, да се емитуваат преку радио и ТВ-програми, за верниците да не се собираат во верски објект.

Исто така, дадена е препорака до единиците на локалната самоуправа да не организираат јавни настани и собири на кои би присуствувале поголем број луѓе. Исклучок се прави само доколку на овие настани би присуствувале лица кои имаат ЕУ – дигитален сертификат за вакцинација.
Во новите мерки на Националниот штаб се наведени и обврските на работодавачите. Тие се должни да забранат доаѓање на луѓе кои имаат треска и или сува кашлица. Од нив се очекува да го намалат физичкиот контакт помеѓу работниците, да воведат флексибилни работни часови ако е можно, да ги вентилираат просториите и да ја организираат работата во смени доколку е изводливо.
Што се однесува до преминувањето на хрватската граница, променетите услови ќе важат од 1 до 15 јули. Исто така, стапува на сила примената на ЕУ дигитални ковид – сертификати.

Оние граѓани на ЕУ кои го немаат тој сертификат ќе можат да ја преминат границата со потврда за вакцинација, со ПЦР-тест не постар од 72 часа или антиген-тест не постар од 48 часа, како и со потврда за прележан ковид.