На грбот кој се наоѓа на дресовите, првото поле е бело, а на официјалниот грб е црвено
Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) ќе побара одговорност од компанијата Ситотисак Деколор и ќе спроведе внатрешна дисциплинска постапка за да се утврди кој од вработените се одговорни за овој ненамерен пропуст
Хрватските фудбалери на сите четири натпревари на ЕУРО2020 носеа дресови со погрешен државен грб.
Имено, на грбот кој се наоѓа на дресовите, првото поле е бело, а на официјалниот грб е црвено.
На дресовите на фудбалските тимови обично стојат грбовите на фудбалските асоцијации, а малкумина го имаат државниот грб, но на големи натпреварувања, како што е Европското првенство, пракса е да стојат националните знамиња или барем името на земјата, како и градот и датумот на натпреварот.
Така, хрватската репрезентација ги одигра сите четири натпревари со погрешен национален грб.
„Целото печатење на спортската опрема на хрватската репрезентација го прави компанијата Ситотисак Деколор, вклучително и знамињата на земјите за одредени натпревари. За жал, настана ненамерна грешка при рачниот векторски цртеж, а потоа и при печатењето на хрватското знаме пред Европското првенство, што потоа не беше забележано. Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) ќе побара одговорност од компанијата Ситотисак Деколор и ќе спроведе внатрешна дисциплинска постапка за да се утврди кој од вработените се одговорни за овој ненамерен пропуст“,
велат од ХНС и се извинуваат на јавноста и на хрватските навивачи, отфрлајќи дека се работи за нешто намерно.
Дека се работи за голем скандал покажува фактот што шаховницата на која првото поле е бело го симболизира усташкиот режим за време на Независната држава Хрватска (НДХ).