Лидерот на опозициската партија е уверен во победа и најавува дека меѓу првите работи кои ќе ги направи ќе биде кратење на привилегиите на премиерот, а за коалицискиот партнер од албанскиот блок порачува дека ќе треба подеднакво да разговара и за Албанците во Скопје и за Македонците во Тетово
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за порталот „Прес24“ вели дека тие се единствената реална опција на претстојните парламентарни избори која јасно кажува како може да се смени, според него, тешката реалност со Преспанскиот договор.
„Овие избори ќе се сведат на тоа дали ќе дозволиме Заев и неговата свита ќе продолжат да ја пљачкаат државата и да си местат тендери, да ја виткаат кичмата и газат по достоинството, или пак ќе речеме доста е, мора да има одговорност, принципи и морал. Јас сум сигурен дека ќе се одбере второто. Што се однесува за договорот со името, имам тука јасен и прецизен став. ВМРО-ДПМНЕ е единствената сериозна опција која јасно кажува кои се начините да се смени оваа тешка реалност која ни ја наметна Зоран Заев. Но и воедно јасно кажуваме дека нема сила која ќе не натера да кажуваме дека сме нешто друго освен она што вистински сме Македонци од Македонија“,
вели Мицкоски.
Во однос на изборите тој изразува увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а најавува дека првите три работи кои ќе ги направи кога ќе стане премиер ќе биде откажување од дел од привилегиите кои го следуваат со функцијата, предлагање мерки за намалување на даноците и акциски план за младите и пензионерите за подобрување на нивната остојбата.
„Коалицијата значи привилегии и обврски“
За наоѓањето коалиционен партнер меѓу албанските партии при евентуална победа на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека ќе состави влада која ќе ја базира на принципи и програма, а партнерот ќе треба подеднакво да зборува и да се однесува и за прашањата за Албанците во Скопје и за Македонците во Тетово.
„И тука важен е чесниот однос, но и пропорционалното почитување. Коалицискиот капацитет се гради доколку отворено зборуваме за работите кои недостасуваат, но и тоа дека коалицијата значи привилегии и обврски. Подеднакво да зборуваме за Албанците кои живеат во Скопје, но и за Македонците во Тетово. За условите во кои учат децата во училиштето Кирил Пејчиновиќ во Тетово, зошто сè уште нема капела во Тетово, зошто нема вработени Македонци во општината во Тетово, Гостивар и Кичево и редица други работи. Спремен сум да зборам и да работам за подобрување на лошите услови во Арачиново, но и за надминување на лошите услови во Јегуновце“,
вели лидерот на најголемата опозициска партијата.
Предлог-законот за јавно обвинителство го смета за противуставен
Мицкоски зборува и за законот за јавно обвинителство за кој се прават напори да се донесе, а актуелниот предлог од Министерството за правда го оценува како противуставен и обид да се заштити неговиот политички ривал, Зоран Заев.
„Нека бидат искрени и да кажат дека законот за обвинителство го носат за амнестија на Заев. Тие сакаат и понатаму да постои една Рускоска која ќе обвинува на повик од Заев, Јовевски кој ќе заштитува и Кацарска која ќе суди. Па токму за неа гледаме како сведочат дека ургирала за предмети, за судијката Дика како има обвинувања дека перела пари и за целокупната останата болумента на Заев во судството која е корумпирана до гуша. Овој закон на СДСМ е да се продолжи уривањето на правниот систем кој сака да го прави Заев. Е тоа нема да помине. Законот е проитвуставен, во спротивност со кривичниот закон, не обезбедува борба против корупцијата, туку заштита на криминалот, и ќе значи само продолжување на легализираниот криминал на СЈО во формата на ОЈО. Нашите црвени линии се закон кој е во согласност со Уставот, применлив и ќе обезбеди независност на обвинителството и непристрасна борба против криминалот. Ако се на ова подготвени СДСМ може да се изгласа законот веднаш“,
наведува Мицковски.
Целото интервју на „Прес24“ можете да го прочитате ТУКА.