Тројцата лидери велат дека, гледајќи ги тешкотиите во процесот на проширување на ЕУ, веруваат оти постојат начини за да ги зајакнат капацитетите на овој регион, да ги подобрат односите со ЕУ и да се интегрираат во европскиот пазар. Од тие причини, имаат и барање кон ЕУ и САД кои се однесуваат на инвестициите и искористувањето на обновливите извори на енергија, а на 29 јули, пак, најавуваат средба во Скопје на која ќе потпишат неколку договори
Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што тие ѝ се потребни на ЕУ, порачуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во заедничка изјава насловена „Европски Западен Балкан“, објавена по онлајн-средбата што ја имале утрово.
Во изјавата тие се осврнуваат на преговорите со ЕУ на трите земји, а ги споделуваат и нивните планови за регионална соработка во наредниот период како создавање на заеднички регионален пазар, регионален шенген и зелени коридори.
Неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата е против европската волја и интересите на Унијата

На почетокот на изјавата тројцата лидери порачуваат дека постојниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да ги одржи првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија одат против европската волја на трите земји, но и против интересите на самата ЕУ.
„Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка. Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули“,
пишува во трипартитната изјава.
Понатаму тие се осврнуваат на регионалната соработка преку Берлинскиот процес со која очекуваат дека ќе донесат опипливи резултати на граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија. За таа цел, најавуваат дека на 29 јули ќе се сретнат во Скопје за да ги потпишат договорите меѓу трите земји кои произлегуваат од Берлинскиот самит односно договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу трите земји.
„Ги покануваме и охрабруваме нашите колеги во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сè од себе за тоа да се случи“,
повикуваат Заев, Вучиќ и Рама.
Барање до ЕУ и САД

Во ситуација кога има потешкотии во процесот на проширување, додаваат, тие веруваат дека со ова ќе пронајдат нови начини, политички области и финансиски инструменти за да ги зајакнат постоечките капацитети, да го подобрат односот со ЕУ и постепено да го интегрираат регионот кон Европскиот единствен пазар.
Од тие причини, тие имаат и барање кон ЕУ и САД кои се однесуваат на инвестициите и искористувањето на обновливите извори на енергија.
„Затоа, решивме денес да побараме од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициски, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан. Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој во овој сектор. Ќе побараме практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваме дека ќе можеме да го објавиме напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен“,
велат тројцата лидери.
Тие изразуваат подготвеност заеднички да го одработат својот дел и ќе ја завршат тешката работа, а на крај и порачуваат дека и Северна Македонија, и Албанија, и Србија се Европа.