По речиси две децении заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Авганистан. Мировниците се вратија дома, а со тоа заврши и учеството на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и „Одлучна поддршка’ во Авганистан, по одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата, соопшти Министерството за одбрана.
Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.
Северна Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, денеска сојузници – САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.
Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција; потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата; во тим за советување во командата – Север предводени од СР Германија; во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.
По повод завршувањето на учеството на Армијата во Авганистан, денеска во касарната „Илинден“ ќе се одржи свечена церемонија на која ќе присуствуваат претседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска, како и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнс и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор.