Германскиот пратеник смета дека со ветото поради овој билатерален спор на некој начин се казнуваат проевропските влади на Западен Балкан и им се даваат аргументи на националистите
С Македонија да не се откажува од реформите, затоа што преговорите кога тогаш ќе почнат. Освен во Бугарија, политички сили кои се против проширувањето има во секоја земја од ЕУ, но на потег е Европскиот парламент со проширена одговорност, вели пратеникот во германскиот Бундестаг Јосип Јуратовиќ , во разговор за ТВ Клан, а по „повтореното вето “од Бугарија за пристапните преговори со ЕУ.
Пратеникот на германската Социјалдемократска партија и водач на пратеничката група за Западен Балкан, порачува се залага за поединечно пристапување во Унијата, а не во пакети како што се сега Албанија и С Македонија. Тој сугерира преговорите да почнат за време на словенечкото претседавање со Унијата, а спорот меѓу Софија и Скопје да го решева арбитражна комисија.
„Треба да се бара решение. Штотуку разговарав со колегите од Словенија, бидејќи земјата го презема претседавањето со ЕУ, да се понуди некое решение – на пример да се отворат претпристапните преговори, а недоразбирањата меѓу Бугарија и Северна Македонија да ги одработи некоја стручна арбитражна комисија. Таков беше случајот со Словенија и Хрватска по прашањето за границата, кој, како што гледате, позитивно се реши. Такво нешто треба да се понуди за решавање на проблемот меѓу Софија и Скопје, за да ѝ се отвори патот на С Македонија. На крајот на краиштата, С Македонија со претпристапните преговори не се зачленува во ЕУ, туку оди по пат на зачленување, изјави Јуратовиќ
Во спротивно, тој смета дека со ветото поради овој билатерален спор на некој начин се казнуваат проевропските влади на Западен Балкан и им се даваат аргументи на националистите.
„Јас самиот реков дека е апсолутно неприфатливо во Европа, вака како што е поставена и како што функционира, една партија од десничарски тип да може да ја блокира целата иднина ипонатамошниот развој на ЕУ. На тој начин излегува дека таа Европа веќе не е вредна за „хартиите на кои е напишана“. Затоа мора под итно демократските сили во ЕУ да ја покажат јасно својата позиција – на чија страна сме и во која насока оди Унијата. Дали оди во насока на правење консензус на најниското политичко ниво, на нивото на Виктор Орбан, или пак сакаме да градиме Европа заснована на демократски вредности и човекови права“,
истакнува германскиот парламентарец.
Во интервјуто за ТВ Клан, Јуратовиќ признава, освен со Бугарија, има и други сили кај одредени земји членки на ЕУ кои се против проширувањето.