ДПИ спроведе постапка на порамнување и издавање прекршочни платни налози во износ од 10 000 евра за правното лице и 3 000 евра за одговорното лице
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изрече казни од 13 илјади евра за компанијата „Евротим“ од Кичево и за нејзиното одговорно лице, а во врска со анализите на мазутот од складот во Ресен.
ДПИ направи вонредни инспекции во складот на компанијата, по објавената новинарска сторија на Истражувачката репортерска лабораторија и ОЦЦРП. Од Инспекторатот информираат дека добиле одговор од „Евротим“ од Кичево дека ги прифаќаат првичните резултати од анализите на земените мостри од мазутот што ги спроведе ДПИ во складот во Ресен.
„Врз основа на овој одговор, ДПИ информира дека резултатите од испитувањето на првиот примерок се конечни. Односно, при првите примероци од земени мостри од складот за мазут во Ресен во сопственост на оваа компанија, ДПИ констатираше дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430“,
велат од Пазарниот инспекторат.
Врз основа на ова, ДПИ спроведе постапка на порамнување и издавање прекршочни платни налози во износ од 10 000 евра за правното лице и 3 000 евра за одговорното лице.
„Истовремено донесено е решение со кое на правниот субјект му е наредено да ги отстрани несообразностите кај испитуваниот производ мазут и определен е рок од 15 дена за постапување по наредбата“,
велат од ДПИ.