Основното јавно обвинителство Скопје бара Кривичниот суд да определи четири мерки на претпазливост за вработен во „Сити мол“, кој ја пушти лажната дојава за бомба, и тоа: забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува во судот, одземање на пасошот, како и забрана за преземање определени работни активности што се поврзани со кривичното дело.
Осомничениот има 19 години, а со лажната дојава, намерата му била да се шегува со претпоставениот.
„Од својот мобилен телефон тој пристапил на интернет-страницата www.globefone.com и на неговиот претпоставен му испратил текстуална порака со содржина: ‘Напуштете го молот веднаш, има бомба’. Претпоставениот веднаш пријавил во полиција, по што била организирана и извршена евакуација на присутните лица во трговскиот центар“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Пред два дена полицијата итно го евакуираше трговскиот центар по дојавата за бомба. Неколку часа беше забранет влез во објектот, а стопиран беше и сообраќајот на околните улици. Од Одделот за антитероризам во МВР утврдиле дека во објектот нема поставено експлозивна направа, а дента беа приведени две осомничени лица.