Опозицијата на терен ќе ја промовира новата стратегија, за чиј наслов социјалдемократите велат дека е копија
ВМРО-ДПМНЕ ќе почне на терен да ја презентира новата стратегија насловена „Македонија за сите луѓе“, која беше промовирана синоќа во Охрид, додека од СДСМ обвинуваат дека насловот е копија од нивна програма.
ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе ги посети сите градови и региони, селата и голем број населени места каде што директно ќе ја објасниме нашата стратегија и нашата политика за сите луѓе, најавија денеска од опозициската партија, откако вчера, на роденденската прослава во Охрид, лидерот Христијан Мицкоски промовираше нов слоган, стратегија, знак и бои.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе им објасни на луѓето како планира да ја крене економијата, да ја запре апатијата, да креира нови работни места. Ќе објасниме и како за здравството планираме фокусот да ни биде во докторите, а во земјоделството во земјоделците и создавање подобри услови за нив.Ќе ставиме фокус на образованието, и ќе се обврземе на квалитет. А во поглед на инфраструктурата планираме инвестиции и нови проекти. СДСМ ги дели луѓето на граѓани од прв и втор ред. Оваа поделба е фактичка и е директен производ на однесувањето на власта на СДСМ и на Заев“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, СДСМ создава голем јаз меѓу луѓето.
„На поделбите мора да им се стави крај. Привилегирани не смее да има“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, реагираат дека новата стратегија на опозицијата насловена „Македонија за сите луѓе“ е ископирана. Од владејачката партија неофицијално посочуваат на нивната програма, по доаѓањето на власт во 2017 година, „Живот во Македонија за сите“, на која како симбол стоеше знак за штиклирање, слично како што и Мицкоски вчера изјави дека „штиклираното одобрување“, значи потврда за решеност и преданост кон идејата. Слично гласеше и слоганот на СДСМ „Едно општество за сите“, како што наведуваат од партијата,

„ВМРО-ДПМНЕ може да се премачкува со сите можни бои, но во реалноста, тоа е партија која работи на штета на интересите на граѓаните и државата. И сто слогани да ископираат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не можат да излезат од режимската матрица и одбраната на криминалот. Мицкоски не може да понуди ништо ново, се е веќе видено и прочитано од граѓаните. Граѓаните одамна го прочитаа неискрениот, нечесен и неодговорен однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, затоа редовно ги казнуваат на избори, затоа и последните анкети покажуваат дека им следува нов пораз на локалните избори“,
се наведува во реакцијата на СДСМ за вчерашната роденденска прослава на ВМРО-ДПМНЕ.
Т.н. „План за живот во Македонија“, со кој СДСМ дојде на власт, беше креиран како изразено левичарска програма, во чиј основа беше предвидено враќање на средната класа, воведување на прогресивен данок, покачување на минималната плата… Мицкоски, пак, изјави вчера дека ВМРО-ДПМНЕ им се обраќа на сите што своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар, тоа од мекиот центар, до крајната десница.
Мицкоски вчера најави и визуелно ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ, со користење уште пет бои во партиската иконографија, покрај црвената, црната и жолтата.
Инаку, и СДСМ, кон крајот на минатата година, дефинитивно, ја смени бојата и од сина премина на доминантно црвена, како боја се идентификуваат левичарските партии кои се дел од Социјалистичката интернационала.
И СДСМ, кон крајот на минатата година, дефинитивно, ја смени бојата. Од сина премина на доминантно црвена, како боја се идентификуваат левичарските партии во Европа