Во врска со очекувањата од оваа прва средба, Путин неодамна изјави дека не се очекува ништо посебно
Денес во Женева ќе се одржи првиот самит на претседателите на САД и Русија, Џозеф Бајден и Владимир Путин.
Бајден, кој првпат е во Европа откако ја презеде функцијата претседател на САД, пристигна во Швајцарија од Брисел, каде што учествуваше на Самитот на лидерите на НАТО и на Самитот на Европската Унија и САД.
Пред средбата со Путин, американскиот претседател рече дека Соединетите Држави не бараат конфликт со Русија, но дека ќе одговорат доколку Русија продолжи со активности оценети како агресивни.
Бајден го опиша Путин како интелигентен, цврст и „достоен противник“.
Од своја страна, Путин неодамна изрази надеж дека средбата со Бајден ќе помогне да се намалат тензиите меѓу Москва и Вашингтон.
Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, оцени дека односите меѓу Москва и Вашингтон се во ќор-сокак и дека состанокот може да помогне во подобрувањето на ситуацијата.
Предвидено е претседателите да одржат одделни прес-конференции по состанокот.
Средбата треба да се одржи во вила од 18 век, со поглед на Женевското Езеро. Оваа вила се користи за приеми организирани од градските власти повеќе од 100 години.

Локалните власти ги советуваа граѓаните во Женева денеска да останат во своите домови.