Целосно укинување на полицискиот час, на ограничувањето од максимум 100 гости на свадби и прослави, како и дозвола за организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1 000 лица, се новите препораки што вчера ги донесе Комисијата за заразни болести и ги прифати Главниот координативен кризен штаб, а се очекува денеска на седница да ги усвои Владата.
Според предлогот, мерките ќе стапат во сила в среда, а Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба е стабилна и ја дозволува ваквата одлука.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се четири нови случаи со ковид-19, еден починат и 14 оздравени пациенти.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 540, бројката на оздравени пациенти е 149 642, на починати е 5472, а на активни случаи изнесува 426 од кои 183 се во Скопје.
На инфективните одделенија во државава се лекуваат вкупно 99 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот, од кои 34 се во Скопје. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
