Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел.
На средбата, како што информира владината прес-служба, во фокусот на разговорот била перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на С Македонија. Присуствувале и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Бугарија, Ѓеорги Панајотов.
Радев истакнал дека Бугарија дава принципиелна и континуирана поддршка за иднината на С Македонија кон ЕУ, како дека очекува со непосреден и активен политички дијалог да бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.
„И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј. На средбата е истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји“,
се вели во соопштението на Владата.
Билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји, било исто така дел од темите за кои во Брисел разговарале премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател, Румен Радев.
На средбата било договорено, во текот на оваа недела, премиерот Заев да отпатува на средба во Софија.