Охрабрени од информациите дека третиот триместар од бременоста е најбезбеден за вакцинација, трудниците здружени во Иницијативата за вакцинација со „Фајзер“ бараат здравствените власти да ги третираат како приоритетна категорија. На списоците што ги доставиле до Министерството за здравство има повеќе од 400 пријавени за вакцинација, но од надлежните веќе два месеца немаат конкретен одговор. Во отсуство на државна стратегија, трудници од Македонија на своја рака се вакцинираат во Србија и во Бугарија
Две родилки на возраст од 30-ина години, без други заболувања, во ист ден починаа на Клиниката за гинекологија поради компликации од коронавирусот – веста која на 31 март одекна во медиумите била пресудна за Кристина од Скопје да одлучи да се вакцинира против ковид. По неколку консултации со матичниот лекар, но и со повеќе гинеколози, во 32-та недела од бременоста ја примила првата доза од вакцината на „Фајзер“. За „360 степени“ вели дека се чувствува добро и, освен мала болка во раката, вели дека нема друга реакција.
„Одлуката да се вакцинирам беше моја. Ги следам светските истражувања за вакцинација на трудници и доилки, верувам во медицината и мислам дека нема подобра заштита од ковид-19 за мене и за моето дете“,
вели Кристина.

Слично искуство со „360 степени“ споделува и Надица С. Петковска, која во 35-та недела од бременоста се вакцинирала против ковид-19. Но не во Скопје, туку преку граница, на 200 километри од дома – во соседна Србија.
„На почетокот од бременоста мислев дека нема да примам вакцина додека не се породам. Тогаш вакцинацијата беше сè уште на почеток и такви беа ставовите на јавноста. Мислењето го сменив кога прочитав студии на вакцинирани трудници во САД, конкретно со вакцината ‘Фајзер/Бионтек’. Јас верувам во научни факти и истражувања, бидејќи и самата сум спроведувала истражувања. Потоа се консултирав со гинеколог, кој ми потврди дека е во ред да се вакцинирам со вакцината на ‘Фајзер’. Побарав и второ мислење и го добив истиот одговор, со напомена дека е пожелно после 28-та недела од бременоста“,
раскажува Надица.
Предолгото чекање за термин за вакцинација и неможноста за избор на вакцина, за Петковска биле пресудни да го прифати ризикот и во поодмината бременост да оди во Здравствениот дом во Ниш за да се вакцинира со „Фајзер“.
„Одлуката за вакцинација надвор од нашата земја ја донесов после неколку месечно чекање одговор од надлежните кај нас. Лично пишував мејл до одговорните за вакцинација и потоа се приклучив на Иницијативата за вакцинација на трудници и доилки. Конкретен одговор се уште не добивме од надлежните. Одлуката да се вакцинирам надвор од Македонија ја донесов поради фактот што сум во поодмината бременост и чекањето би значело дека ако не добиеме одобрување за вакцинација како приоритетна група кај нас, потоа со новороденче ќе треба да патувам во соседните земји“,
додава таа.
Но не сите трудници се подготвени да се вакцинираат. Во отсуство на официјален став и протокол од здравствените власти во земјава, одлуката е оставена на сопствен избор на секоја бремена жена. Дел од трудниците што се вакцинирале или се обиделе да се вакцинираат сведочат дека медицинските лица на вакциналните пунктови не знаеле како да постапат – некои им побарале препорака од гинеколог, а други, пак, ги советувале да почекаат додека не добијат прецизна насока од надлежните.
Данева-Маркова: Истражувањата покажуваат дека третиот триместар од бременоста е најбезбеден за вакцинација против ковид
Проценката дали да се препорача вакцина во бременоста треба да се гледа индивидуално за секоја трудница, а не како група, советува претседателката на Републичкиот комитет за безбедно мајчинство и специјалист-гинеколог на Клиниката за гинекологија и акушерство, доц. д-р Ана Данева-Маркова.
„Одлуката дали да се вакцинираат жените во текот на бременоста треба да се заснова на ризикот на изложеноста на вирусот, веројатноста за тоа каква болест би развиле во случај на зараза, како и врз основа на најновите достапни податоци од регистрите за трудници. Секоја трудница носи индивидуални ризици и затоа треба секоја посебно да се советува, а не како група“,
објаснува Данева-Маркова.

Таа препорачува да се следат и меѓународните научни истражувања пред да се советуваат пациентките дали и во кој период од бременоста е најдобро да се прими вакцината.
„Според последните податоци на вакцинирани повеќе од 5 илјади трудници, а кај кои веќе се анализираат породувањата објавени во април во ‘New England Journal of Medicine’ – најбезбеден е третиот триместар од бременоста.“
додава Данева-Маркова.
Овие податоци ги охрабруваат трудниците и доилките кои здружени во Иницијативата за вакцинација со „Фајзер“ бараат здравствените власти да ги третираат како приоритетна категорија. На списоците што ги доставиле до Министерството за здравство има повеќе од 400 пријавени за вакцинација, но од надлежните веќе два месеца немаат конкретен одговор.
„На 19 април е формирана Иницијатива за вакцинирање со ‘Фајзер’ на трудници и доилки во која за многу краток период се приклучија голем број членки. Беше испратено барање до сите надлежни истанци со цел овие категории да добијат некаков приоритет во процесот на имунизација, односно, да им се обезбеди приоритет за имунизација со вакцината на ‘Фајзер’ како единствена во светски рамки за која постојат податоци дека е безбедна и за трудниците и за доилките. Но од Министерство за здравство, освен добра волја, сѐ уште нема направено ништо по однос на нашето барање. Оттаму добиваме разни неопределени одговори и изговори, но веќе два месеци никако да стигнеме до конкретен одговор дали и кога оваа категорија на граѓанки би се вакцинирала“,
велат од Иницијативата за вакцинација на трудници и доилки.
Поддршка на Иницијативата, трудниците и доилките добиле и од здружението за безбедно мајчинство „Лулка“.
Ал Кхалили: Мајките што имаат примено вакцина имаат и антитела во мајчиното млеко
Претседателот на здружението и специјалист-педијатар д-р Денис ал Кхалили вели дека тешко е да се утврди дали и кога има повеќе ризик од вакцината, но секако веќе се знае дека болеста ковид-19 е поопасна за трудниците отколку за породените мајки, доилки и жени што не се бремени.
„Трудниците и доилките, не само кај нас, туку и во другите држави, на некој начин се оставени сами за себе да одлучуваат, поради фактот дека во медицината не се прават клинички студии со бремени жени.Нема конкретни докази дека вакцините се штетни, но нема ни сигурни докази дека се 100% безбедни. Треба време за да се дадат конкретни и сигурни препораки. Но она што е познато познато е дека мајките кои имаат примено Комирнати (Фајзеер) вакцина имаат и антитела во мајчиното млеко кои потенцијално може да го заштитат бебето, слично како и за голем број други познати болести. Значи трудниците кои имаат ризик да заболат треба да се вакцинираат, според горенаведените препораки, и не е пожелно да чекаат да се породат. Истото се однесува и за веќе породените мајки кои дојат .Би додал информација и за младите луѓе кои планираат потомство, дека досега нема никакви сознанија дека вакцината против ковид-19 може да влијае на плодноста и за нив стои препораката дека треба да се вакцинираат“,
порачува Ал Кхалили.

Во однос на тоа дали може кај трудниците да се аплицира и друга вакцина покрај „Фајзер“, Ал Кхалили додава дека според достапните податоци од СЗО, за безбедна се смета и вакцината на „Синофарм“, но со процена на ризикот, слично како и кај другите вакцини.
Од Иницијативата, пак, реагираат дека дел од нивните членки што успеале да добијат редовен термин за вакцинација, без приоритет, биле вратени од лекарите на вакциналните пунктови со образложение дека можат да се вакцинираат само со „Фајзер“.
„Додека со ‘Фајзер’ се вакцинираа и се вакцинираат граѓани кои можат да ја примат која било друга вакцина, мајки кои ги оставаат своите новороденчиња и бремените жени на кои патувањето им е дополнителна тешкотија и ризик, заминуваат преку граница и возат стотици километри за да се вакцинираат“,
додаваат од Иницијативата.
„360 степени“ побара став од Министерството за здравство дали државата води евиденција колку трудници веќе се вакцинирале и дали ќе им се излезе во пресрет на барањата на бремените и родилките да се вакцинираат со „Фајзер“. Дополнително, прашавме и зошто власта во земјава сè уште нема соопштено официјален став ниту, пак, стратегија за вакцинација на оваа категорија граѓанки?
На 1 јуни од Министерството нè известија дека прашањата ги препратиле до Националниот комитет за имунизација и дека во наредните денови ќе добиеме одговори, но и по две недели сè уште не добивме став од здравствените власти.
Во меѓувреме, сè повеќе трудници одлучуваат да се вакцинираат надвор од Македонија. Освен во Врање, Ниш, Лесковац и Белград, се зголемува и бројот на родилки и бремени жени што се вакцинираат на граничните премини со соседна Бугарија, најчесто во меѓуграничните зони кај Лисичково и Златарево.
Препораките на Светската здравствена организација се да се вакцинираат бремените жени кога бенефитот е поголем од ризикот од заразата. Посебен акцент СЗО става на трудниците со хипертензија, дијабетес и други болести за кои научните сознанија потврдиле дека може да предизвикаат тешка клиничка слика при евентуална зараза со ковид.
Сепак, секоја држава има различна стратегија за вакцинација на трудници и доилки. САД, Велика Британија и Израел и Белгија се меѓу првите кои почнаа со приоритетна вакцинација на трудниците. Тамошните здравствени власти препорачуваат мРНА вакцини за оваа категорија, како „Фајзер“ и „Модерна“, а податоците на американскиот Центар за превенција од болести потврдиле дека од стотина илјади бремени жени што примиле вакцина не пријавиле несакани реакции.