Ова прв Самит со учество на Северна Македонија како полноправна членка на Алијансата, како и прв за новиот американски претседател, Џо Бајден
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утрово, пред почетокот на денешниот Самит на Алијансата, се осврна на клучните теми што ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки и повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата.
Во последните години, две земји од регионот станаа членки на НАТО.
„Имаме нови земји членки од тој регион во последните неколку години, со што докажавме дека вратата на НАТО е отворена. Северна Македонија и Црна Гора се новите членки, но имаме и партнери во другите земји од регионот и уште го имаме КФОР во Косово, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот“,
изјави Столтенберг во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години, јави МИА од Брисел.
Тој се осврна на главната тема од Самитот, а тоа се буџетските прашања и барањето на Алијансата, земјите членки да го зголемат својот придонес, не само во Буџетот за одбраната, туку и во придонесот во самата Северноатлантска организација за да се помогне нејзиното модернизирање.
Столтенберг очекува успешни дискусии со лидерите за развој на нови технологии за 30-те земји членки да успеат да одговорат ефикасно на „новите безбедносни предизвици“, вклучително и оние кои произлегуваат од климатските промени.
„Најважно е што очекувам лидерите да се усогласат за низа конкретни мерки за зајакнување на НАТО, на технологијата, отпорноста, колективната одбрана, климатските промени, но и како да ги обучуваме партнерите и да им помогнеме да се стабилизираат, на добар пат сме, седум години по ред се зголемуваат расходите за одбраната, но треба да сториме повеќе, треба да одговориме на високиот степен на амбиција со зголемени инвестиции во буџетот на НАТО, вклучително и преку додавање дополнителни фондови за низа активности“,
рече генералниот секретар на НАТО.
Алијансата има три клучни буџети: цивилен, воен и инфраструктурен, потсети Столтенберг, и се надева дека на денешниот Самит лидерите ќе успеат да се договорат за зголемување на трошоците за овие области.
Ова прв Самит со учество на Северна Македонија како полноправна членка на Алијансата, како и прв за новиот американски претседател, Џо Бајден. Македонската делегација ја предводи премиерот Зоран Заев.