Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување, изјави капитенот Горан Пандев
На третиот ден од ЕВРО 2020, дебитантски настап на едно големо фудбалско натпреварување ќе има македонската фудбалска репрезентација. Попладне, со почеток во 18 часот, на Национална арена „Букурешт“ нашите фудбалери ќе се соочат со репрезентацијата на Австрија.
Во двата досегашни натпревара, Австријците победија со 2:1 во Виена и со 4:1 во Скопје во 2019 година.
„Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството“,
изјави капитенот Горан Пандев, кому му се оствари сонот, кариерата да ја заокружи со настап во репрезентативниот дрес на едно големо натпреварување.
На трибините на стадионот во Букурешт се очекува да има и околу две илјади Македонци.
Премиерот Зоран Заев преку Фејсбук им испрати пораа на фудбалерите.
„Почитувани македонски репрезентативци и членови на стручниот штаб, во пресрет на вашиот прв настап на Европското првенство во фудбал, сакам со вас да ја споделам мојата целосна и безрезервна поддршка. Со пласманот на #ЕУРО2020 вие веќе ја испишавте најсветлата страница од историјата на македонскиот фудбал, но јас сум убеден дека деновиве ќе испишете и нови успеси. Навиваме за голови, за победа, но пред сѐ навиваме и за овој досегашен македонски успех. Навиваме за ова ваше и наше време! Велат дека фудбалот е најважната споредна работа на светот, но вие во нашите очи во моментов сте главната работа на светот, најважната македонска иницијатива. На фудбалските терени покажете и докажете дека една мултиетничка репрезентација, од мултиетничката Северна Македонија, со право е рамноправен дел од мултиетничка Европа. Покажете повторно дека и најмалите можат да бидат многу големи, кога веруваат во себе и во заедничкиот успех и кога гордо го носат националниот дрес. Бидете еден за сите, сите за еден и обојте ја Европа во црвено-жолто. Моето срце и срцата на сите македонски граѓани ќе ни бијат во ритамот на вашата игра. Нека е со среќа!“
напиша Заев на Фејсбук.
