Со одлуката на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал, бизнисменот веќе го почнува четвртиот месец откако е во притвор за случајот „Плацеви на Водно“.
Нови 30 дена притвор на бизнисменот Орце Камчев му одреди Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд-Скопје. Со новото продолжение на притворот, Камчев веќе го почнува четвртиот месец откако е во притвор за случајот „Плацеви на Водно“.
Тој заврши во притвор на 14 март 2021 година, а мерката беше побарана откако обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека осомничениот бизнисмен се подготвува за бегство. За истата белешка обвинителката Вилма Русковска изјави дека е дел од образложението зошто се бара притвор.
Од друга страна, одбраната на бизнисменот тврдеше дека нема ниту една причинско-последична врска која го врзува со предметот и во пресрет на поднесувањето на обвинението, неговиот адвокат Тони Менкиноски оцени дека тоа е само изговор за да се скрие белешката од АНБ и неговиот клиент да се држи во притвор.
Претходно, Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.
Обвинението за „Плацови на Водно“ се однесува на купување и прекривање на вистинскиот сопственик на трите атрактивни парцели на Водно преку фирма од Белизе, како и уште еден плац во центарот на Скопје, два стана во главниот град и две парцели во Крушево.
На сите, според обвинителството, вистински сопственик е експремиерот Никола Груевски, а се купени со пари што тој ги земал од донации во ВМРО-ДПМНЕ.
