Новинарите кои бараат акредитација за самитот треба да се придржуваат до здравствените услови утврдени од швајцарските власти: мора да обезбедат доказ за целосна вакцинација против коронавирус или потврда на негативен тест за коронавирус, потврда за присуство на антитела или за прележан ковид
Повеќе од 500 новинари досега се акредитирани за известување за самитот на рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џозеф Бајден, што ќе се одржи во Женева на 16 јуни, објави швајцарската дипломатска мисија во канцеларијата на ООН во Женева.
„Меѓу 500 и 600 новинари веќе добија акредитација, а разгледувањето на апликациите продолжува“,
изјави официјалниот претставник на швајцарската дипломатска мисија.
Крајниот рок за поднесување барања за акредитација е 11 јуни до 10 часот.
Новинарите кои бараат акредитација за самитот треба да се придржуваат до здравствените услови утврдени од швајцарските власти: мора да обезбедат доказ за целосна вакцинација против коронавирус или потврда на негативен тест за коронавирус, потврда за присуство на антитела или за прележан ковид.

Во прес-центарот во Женева, новинарите ќе можат бесплатно да се тестираат за коронавирус, и ќе се признаваат сертификати за оние вакцини што се признаени од швајцарските власти и Европската агенција за лекови, како и оние што се вклучени во списокот на препорачани од Светската здравствена организација за итна употреба.
Руските вакцини во моментов ги нема на таа листа, јави ТАСС.
Според прес-службата на рускиот претседател, двајцата лидери планираат да разговараат за условите и изгледите за натамошно подобрување на руско-американските односи, прашања за стратешката стабилност, како и за итни прашања од меѓународната агенда, кои вклучуваат работа во борбата против коронавирусот и регулирање на регионалниот конфликт.
Ова ќе биде прва тет-а-тет средба меѓу Путин и Бајден по стапувањето на должност на американскиот претседател.