Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не негираат дека би дале и свои предлози за кандидати за уставни судии на продолжението на комисиската седница, кое очекуваат да се одржи откако, како што велат, „ќе легне прашината“ од вчерашното тензично заседание
Слично како што сега ВМРО-ДПМНЕ го критикува можното кандидирање на Иванова за уставна судијка, како и изборот на Кацарска за претседателка на судот, така и дел од судиите што во последниот период заминаа или се пред заминување од функциите често беа цел на критика во периодот кога СДСМ беше во опозиција
ВМРО-ДПМНЕ ја критикува и денеска можната номинација на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова за уставна судијка, како и изборот на Добрила Кацарска, прво за членка, а неодамна и за претседателка на Уставниот суд.
„По назначувањето на Кацарска за претседател и Цветанка Иванова за судија на Уставен, Заев од судот прави форум на пензионери на СДСМ. Нема поголем акт на партизација на државата од тоа на Уставен суд, кој е столб во една држава, заштитник и чувар на Уставот да сакаш да поставиш поранешна пратеничка, партиски функционер и актуелен генерален секретар на Собранието од редовите на СДСМ, како Цветанка Иванова за уставен судија“,
се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ откако оваа партија вчера го оневозможи номинирањето на кандидати за нови членови на Уставбиот суд, на седницата на Комисијата за избори и именувања.
Откако вчерашната тензична седница на собраниската Комисија заврши без официјални предлози за кандидати за уставни судии, извесно е дека изборот на наследници на судиите Елена Гошева, Сали Мурати и Никола Ивановски нема да се случи на пленарната седница што почнува денеска.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов најави дека дополнително ќе закаже продолжение на седницата на ова тело, на која треба да се затворат и други кадровски прашања. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во изјава за „360 степени“ не негираат дека би дале и свои предлози за кандидати за уставни судии, на продолжението на комисиската седница, кое очекуваат да се одржи откако, како што велат, „ќе легне прашината“ од вчерашното тензично заседание.
Неофицијално, како можна кандидатка за уставна судијка, предложена од опозицијата, се спомнува актуелната пратеничка и кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година, Гордана Силјановска-Давкова, која инаку е универзитетска професорка по уставно право.
Не се исклучува можноста вакво решение да биде прифатливо и за СДСМ, иако оттаму велат дека право на мнозинството е да предложи и поддржи кандидати за кои смета дека би биле најсоодветни и најкомпетентни за функцијата. За избор на нови уставни судии се потребни 61 глас, кои власта ги има на располагање. Поради тоа, покрај Иванова, како втор кандидат се споменува адвокат од Битола, кој исто така има поддршка од СДСМ, додека третото испразнето место би било пополнето со истакнат правник од помалите етнички заедници.
Инаку, Силјаноска е единствената пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ која гласаше против Законот за легализација на дивоградби, во чие донесување учествуваа и владејачките СДСМ и ДУИ, по договорот што беше постигнат на премиерот Зоран Заев со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Во секој случај, проценките се дека, кој и да биде „деветтиот“ судија, тој не би можел да има одлучувачка улога при носењето на одлуките во Уставниот суд, особено ако се има предвид дека до крајот на годинава завршува и мандатот на судијата Јован Јосифовски. Следната година, пак, деветгодишниот мандат ќе го заврши Валентина Маркудова, последна од уставните судии во сегашниот состав која беше избрана во периодот кога парламентарното мнозинство го контролираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Промената од тој аспект почна во 2018 година, кога тогашното ново мнозинство на СДСМ и на ДУИ ги избра професорот Осман Кадриу и Дарко Костадиновски – од кабинетот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов – кој и ги даде предлозите за нови уставни судии.
Слично како што сега ВМРО-ДПМНЕ го критикува можното кандидирање на Иванова за уставна судијка, како и изборот на Кацарска за претседателка на судот, така и дел од судиите што во последниот период заминаа или се пред заминување од функциите често беа цел на критика во периодот кога СДСМ беше во опозиција.
Така, на пример, во 2016 година, СДСМ бараше оставки од судиите Елена Гошева и Јован Јосифовски поради судир на интереси.
„Партиските послушници на Никола Груевски во Уставниот суд немаат морален, ниту правен кредибилитет да одлучуваат непристрасно и законски. Ќерката на Елена Гошева, Слободанка, е директорка за регулатива и големопродажба во Телеком, кадешто главен извршен директор е кумашинот на Сашо Мијаков, Жарко Луковски. Слободанка Гиевска односно Гошева била потпретседателка на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ, УМС. Сопругот на Слободанка, Игор Гиевски, е поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сега член на Управниот одбор на ЕВН, именуван од владата. Судијата Јован Јосифовски и неговото семејство се исто така тесно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Од 2006 до 2011 година Јосифовски бил претседател и член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ. Како член на ДИК, Јосифовски учествувал во избори што се предмет на кривично-правна истрага за изборни нерегуларности. За Уставен судија, Јосифовски е предложен од Илија Димовски, односно од ВМРО-ДПМНЕ и во отсуство на пратениците од опозицијата е избран во 2012 година.Дополнително, синот на судијата Јован Јосифовски, Борис, е генерален секретар во Кабинетот на Ѓорѓе Иванов, од ВМРО-ДПМНЕ“,
тврдеше тогаш СДСМ.
Исто така, во периодот кога Гошева беше претседателка на Уставниот суд (2013-2016), пред оваа институција често се одржуваа протести на граѓански организации и на тогашната опозиција, особено при одлучувањето за законите за помилување (односно за колективната аболиција што ја даде Ѓорге Иванов) и за Специјалното јавно обвинителство.
Хелсиншкиот комитет неодамна поднесе иницијатива до Министерството за правда за донесување закон за избор на судии во Уставниот суд.
Доцентот по уставно право од УКИМ, Денис Прешова, посочува дека Деловникот на Уставниот суд е донесен уште во 1992 година, во мандатот на последниот состав на Судот избран во време на претходниот систем (социјализмот). Во Деловникот, како што вели, во овие близу 30 години е интервенирано само двапати и тоа за да се приспособи кон новото име на државата и минатата година, кога уставните судии сами си изгласаа додатоци на плата.
Досегашните избори на уставни судии, базирани повеќе на партиска лојалност отколку на критериуми поврзани со компетентноста, како и лошата состојба со уставното судство, кое го нема потребното ниво на углед и на авторитет, според Прешова, се некои од аргументите поради кои треба да се донесе посебен закон за избор на уставни судии.