Пред историскиот настап на фудбалската репрезентација на Европското првенство, „360 степени“ разговараше со ексрепрезентативците Дарко Панчев и Неџмедин Мемеди, како и со спортскиот коментатор Атанас Костоввски
Панчев смета дека имаме фантастичен среден ред, Мемеди вели дека една победа би била голем успех, а Костовски им порачува на фудбалерите да играат зашто е прашање дали во кариерите повторно ќе имаат таква голема сцена каква што е Европското првенство
Позитивниот дух преовладува меѓу репрезентативци во пресрет на Европското фудбалско првенство. Фудбалската федерација оневозможи директен контакт со нив со образложение дека тимот превентивно се чува од коронавирусот.
Селекторот Игор Ангеловски, кој будно го следи секое движење на фудбалерите на тренинзите, не навестува експерименти за големите натпревари.
„Будно следиме што се случува во противничките табори. И нормално, ме познавате, јас сум долго на оваа позиција, со дечките сме доста време заедно, и имаме разработено неколку формации, така што во зависност од противникот, во зависност од она што располагаме и, нормално, во зависност од она што ќе одлучиме и цениме дека таа формација би ни донела позитивен резултат, за тоа ќе се одлучиме“,
најави селекторот Игор Ангеловски.
А, на фудбалерите, ако може да се суди по настапите на прес-конференциите изминатиот период, не им недостигаат ниту мотивација ниту самодоверба.
„Спремни сме на тоа, работиме и сега напорно, се надевам дека ќе бидеме сите здрави најпрво и ќе го дадеме целиот максимум на тоа едно големо првенство и ќе ја израдуваме нацијата“,
рече репрезентативецот Елиф Елмас.
„Кога било најтешко, секогаш сме покажувале карактер. Оваа репрезентација има карактер, оваа репрезентација има сила“,
уверува репрезентативецот Бобан Николов.
„Не мора да се зборува, резултатите најдобро кажуваат бидејќи ако атмосферата е на ниво, ќе имаш и позитивни резултати“,
вели репрезентативецот Висар Муслиу.
Ако се анализира изборот на селекторот на контролните настапи пред првенството, најверојатно, во првата постава и на големото натпреварување ќе настапат Пандев, Трајковски, Елмас, Алиоски, Адеми, Николов, Ристовски, Муслиу, Велковски, Бејтулаи. Се приклучува и Барди, по негативниот тест на коронавирусот. Доајенот на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, вели дека Македонија оди на првенството со играчи од висок ранг.
„Самиот состав, самиот избор на селекторот Игро Ангеловски кажува се. Од 26-темина, само тројца се од нашите македонски прволигаши. Значи, странците вложуваат во македонскиот фудбал. Онаа акција во решавачкиот натпревар со Грузија – Елмас, Пандев, верувајте ми, јас сум ги гледал и коментирал и Пеле и Марадона и не знам кој, тие се врвни фудбалери и платени, ваква акција немам видено. Се почувствував горд крај телевизорот“,
вели Костовски.

Европската „златна копачка“ од 1991 година, Дарко Панчев, вели дека квалитетот на еден тим се мери кога се игра со екипи на исто ниво или со подобри. Тој сака да зборува за предностите на нашата репрезентација.
„Ние после подолго време имаме една фантастична везна линија, составена од Адеми, Барди, Алиоски, Елмас, кои доста работат, доста трчаат помагаат и напред и назад, технички се добро потковани, знаат да играат фудбал и мислам дека тука добивме најмногу на квалитет на репрезентативно ниво. Дека пред тоа ни фалеше, претходните генерации фалеше тој квалитет и таа енергија што ја има сега средниот ред и мислам дека заради тоа и оваа репрезентација и се подигна малце за разлика можеби од некои други пред тоа“,
вели Панчев.

Неџмедин Мемеди, кој како и Панчев припаѓа на генерацијата репрезентативци пионери, порачува фудбалерите да се подготват за беспоштедна битка.
„Во оваа репрезентација сите знаат да играат фудбал, само треба голема дисциплина, бидејќи репрезентациите те казнуваат, те казнуваат противниците и не простуваат, бидејќи ова е европско, највисокиот фудбал во Европа е таму. И сега кој најдобро ќе го искористи моментот, тој ќе се квалификува. Мислам дека треба само добра борба“,
вели Мемеди.

Европското првенство е престижно меѓународно натпреварување. Учествуваат 24 европски сили. Почнува на 11 јуни, а по само два дена Македонија во Букурешт ќе го одигра првиот меч против Австрија.
„Ајде свртете се, ги нема соседите ни на лево, ни десно, ни на југ, ни на запад. Ни на исток ни југ. Ние сме единствени од Балканот. Добро Хрватска е нешто друго. Тоа е веќе она голем почетен успех и капитал со што треба да бидеме задоволни, но, спортски е да се надеваме“,
вели Костовски.
Покрај Австрија, со нашата репрезентација во групата Ц се и Холандија и Украина. Следната скала, осминафиналето, е резервирана за двете првопласирани селекции од секоја од шесте групи. Шанса за пласман во вториот дел од шампионатот ќе добија и четирите најдобри меѓу третопласираните.

„Ако се помине групата, тоа е голема работа. Една победа е голем успех. Не може да се опише со ништо. Ако се пласираме, ги поминеме групите, исто е како да станеш европски првак. Мислам дека една победа, некој освоен поен ќе биде успех, само да не се случи некоја катастрофа, сè што можеме да направиме би било голем успех, бидејќи е прво европско првенство, да видат сите што значи европско првенство, и гледачите и Федерацијата“,
вели Мемеди.
Самиот пласман на Европското еуфорично се прослави на улиците и покрај пандемијата. Историскиот успех беше повод и за поштенска марка. Имаше инциденти со обиди за интервенции во навивачката песна, како и бојата на дресот, но по реакциите од јавноста и на фудбалери, на Европското првенство ќе се настапи со познатиот црвено-жолт дрес, а остана оригиналната верзија и на навивачката песна.
„Секој успех е добар, го подига рејтингот на нашиот фудбал и јас лично очекувам да оставиме добар впечаток. Значи, јас не би им замерувал дури и ако не се пласираат во втора фаза, но ако остават еден добар впечаток, дека се добра екипа, дека знаат да направат акција, да дадат гол, да им аплаудира публиката, мислам дека е доволно за да ги пречекаме како една генерација која и те како оставила печат во нашиот фудбал“,
вели Панчев.
„Ќе бидеме пред голем екран, цела Европа те гледа, цел свет. Сите ќе бидат на ниво, верувам дека ќе изненадат и ќе играат одлично. И посакувам успех на репрезентацијата“,
вели Мемеди.
А освен гордост за нацијата, Европското првенство е печат и во кариерите на фудбалерите.
„Да играат. За нив е тоа завршен дипломски испит. Прашање е дали во својата кариера повторно ќе имаат таква голема фудбалска сцена како што е Европското фудбалско првенство“,
порачува Костовски.