Зошто се дозволило државата да плаќа значително поголеми суми за учебници кои на слободниот пазар се продавале поевтино? Во потрагата по одговори наидовме на правен апсурд. Според законското решение – никој не е надлежен ниту да ги контролира издавачите ниту да ги казнува, иако различните цени може да бидат индикација за криминал
И Државниот просветен инспекторат и Државниот пазарен инспекторат се прогласија за ненадлежни да постапат, иако „Арс Ламина“ ги продаваше кембриџ-учебниците по една цена во книжарница, а по повисока на МОН, спротивно на законот кој вели дека цените мора да бидат идентични
Учениците во основно и во средно образование добиваат учебници бесплатно. Но, тоа што нивните родители не ги плаќаат тие учебници директно од џеб не значи и дека навистина се бесплатни. Само лани тие учебници чинеа 5 и пол милиони евра платени од државниот буџет, односно од даноците што се собираат од сите граѓани.
Ученикот што ќе го оштети или изгуби учебникот, пак, има алтернатива да си го купи од книжарница.
Со законските измени од 2018 година, во Законот за учебници се даде можност издавачите, освен на Министерството за образование, да продаваат учебници и во слободна продажба, но притоа цената мора да биде иста како онаа по која ги откупува државата.

Во минатонеделната сторија на „360 степени“ откривме дека ова законска обврска не се почитува. На пример, издавачката куќа „Арс Ламина“, која продава најмногу од т.н кембриџ-учебници, на државата, на Владата, а со тоа и на Буџетот им наплаќала речиси двојно повеќе по учебник отколку што таа книга ја продава во книжарница.
Со објаснување дека станува збор за грешка и за стар тираж од време кога учебниците биле поевтини, неколку часа по снимањето издавачот ги изедначи цените и „онлајн“ и во книжарниците.

-За четврто и петто математика.
-Само учебник или и работна тетратка?
-Учебникот колку е?
-Па, еве сега имаме нови цени
-A зошто нови?
-Па не знам. Сега ми стигнаа, не знам ни јас,
ни рекоа минатата недела на едно од продажните места.
Но, зошто се дозволило државата да плаќа значително поголеми суми за учебници кои на слободниот пазар се продавале поевтино? Во потрагата по одговори наидовме на правен апсурд. Според законското решение – никој не е надлежен ниту да ги контролира издавачите, ниту да ги казнува, иако различните цени може да бидат индикација за криминал.
Од Државниот просветен инспекторат, институција која е главен надлежен орган за спроведување на Законот за учебници, велат дека контролата на продажните места не е нивна работа.

„Ние како Државен просветен инспекторат не сме надлежни да вршиме инспекции во издавачките куќи, па дури и за продажната цена. Врз основа на член 5 од Законот за постапување по претставки и предлози, барањето го доставивме до надлежната институција – до Државниот пазарен инспекторат, потоа тие ќе продолжат со инспекции“,
вели директорот на Државниот просветен инспекторат, Ардиан Муслиу.
Дописот минатата недела стигнал до Државниот пазарен инспекторат, но и оттаму „креваат раменици“. Посочуваат дека пазарниот инспекторат постапува по Законот за трговија и дека немаат ингеренции да постапуваат по Законот за учебници.

„Во член 26 вели дека е предвидено дека надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Државниот просветен инспекторат, што значи дека Државниот пазарен инспекторат е ненадлежен да постапува и да врши инспекциски надзор во однос на продажба на учебниците на слободниот пазар од страна на субјектите кои што ги продаваат“,
вели Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат.
Иако законски е предвидено дека откупната цена на учебниците во книжарниците мора да е иста со таа по која ги откупува Министерството, од пазарниот инспекторат велат дека не може да ги контролираат слободните цени на пазарот.
„Овој закон не е закон во доменот на Државниот пазарен инспекторат и сметам дека не сме институција која што треба да го толкува законот. Она што сакавме да излеземе во пресрет на медиумите, на вас, така и на Државниот просветен инспекторат и тоа го пишавме и во писмена форма е доменот каде што ние постапуваме. Така што, тоа е тоа“,
вели Котели.
Дека според постојниот закон не е предвидена институција која треба да ги контролира цените на учебниците, ни рекоа и од Инспекцискиот совет, под чија закрила се сите инспекторати. Простор за постапување не гледа ниту обвинителството.

„Печатењето, авторските права, меѓусебните односи во врска со учебниците за образованието се предмет на законски одредби за чие непочитување следат прекршочни казни и обврски кои произлегуваат од договор меѓу правни субјекти. Оттука, секое излегување од законските одредби или непостапување според договореното е предмет на прекршочна постапка или пак постапка пред надлежните судови. Доколку пак , физички или правни лица, имаат сознанија за сторени кривични дела во нечие постапување, за истото, согласно закон, треба да поднесе пријава во обвинителството или МВР“
велат од Јавното обвинителство на РСМ.
Министерката Мила Царовска признава дека законот е недоречен и уверува дека ќе се бара решение.

–Има укажувања можеби не официјални, но неофицијални дека законот е направен така што нема прекршочни одредби, нема санкции предвидени во вакви случај на ваква разлика – повисока цена за МОН, пониска цена во слободна продажба.
–Законот утврдува дека не смее тоа да се случува, но понатаму не се доразработува, но откако ќе добиеме информација од Државниот пазарен инспекторат ќе се разгледаат сите можности и ќе видиме кон што понатаму ќе се посветиме да го разгледуваме ова прашање,
рече Царовска во гостување во минатонеделната дебата на емисијата „360 степени“
Прашањето за цените на учебниците, која значително се менува од година во година, стана актуелно по неуспешниот старт на годинашниве преговори за откуп на учебници. Меѓу оние што не почнаа преговори се и издавачите „Арс Ламина“ и „Арберија дизајн“ кои одбија да приложат договори за авторски права и формула по која ја формираат цената за учебниците.
Тоа се двете фирми кои од 2014 година, со закон, практично имаат монополско право врз кембриџ-учебниците и оттогаш само од учебници имаат приходи од околу 30 милиони евра од државниот буџет.

Сега, освен што од нив се бара да објаснат како ја формираат цената за еден учебник, треба да достават и доказ дека поседуваат авторски права и одобрение од Институтот „Кембриџ“. Овие прашања ги „чешла“ Државниот просветен инспекторат.
„Инспекторите се на терен во неколку училишта и ќе се проверуваат учебниците што се употребуваат, дали се адаптирани врз основа на наставната програма од ‘Кембриџ’ и ќе се провери дали се одобрени од Педагошката служба во МОН“,
вели директорот на Државниот просветен инспекторат.
Додека се проверува какви учебници купува државата, преговорите за овогодишниот откуп засега се на „стенд-бај“. Царовска вели дека ќе му се даде нова шанса на процесот, но дека останува барањето – издавачите да прикажат доказ за авторско право и да кажат колку ги чини.
„Арс Ламина“ и „Арбериа дизајн“ засега доставија само изјави во кои тврдат дека ги поседуваат правата за учебниците. Нивниот став е дека веќе еднаш ги докажале авторските права, кога добиле одобрение од државата за нивните учебници. Кој е во право?