Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, утрово ја прими втората доза од вакцината против ковид-19 на кинескиот производител „Синофарм“.
„Утрово на вакциналниот пункт во Куманово ја примив втората доза од вакцината на ’Синофарм’. Ве повикувам да го сторите истото, сите вакцини се безбедни и се единствениот начин да ставиме крај на пандемијата со ковид-19. Граѓаните кои досега не се регистрирале, тоа може да го сторат на www.vakcinacija.mk“,
соопшти Спасовски.
Според податоците од Министерството за здравство, заклучно со статистиките до петокот (4 јуни), вакцинирани со прва доза се вкупно 245 413 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384 466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139 053 граѓани.
Со последните бројки, 48% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 35% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
