Македонскиот идентитет и јазик не се ниту, пак, би можеле да бидат предмет на какви било преговори, а процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи, истакнува претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Политика“.
„Северна Македонија споредено со своите соседи, најдоцна ја заокружува својата државност низ еден сложен процес на борба за национално ослободување и еманципација и веројатно тој фактор има големо влијание врз одредени негаторски тенденции кај дел од јавноста и политичарите во соседните држави. Меѓутоа, нашата државност и нашиот стандарден јазик се заокружен процес и тој факт треба да биде прифатен од сите, како клучен чекор кон градењето на соработка имајќи предвид дека сите соседни држави имаат иста стратешка ориентација во Европската Унија“,
вели Пендаровски.
Во поглед на препреките на европскиот пат на Северна Македонија и земјите од регионот, Пендаровски со став дека РСМ направила тешки компромиси со цел да стане полноправна членка на НАТО и во иднина членка на ЕУ.
„Членството во ЕУ е клучно за севкупниот развој на сите држави и за европската интеграција немаме реална алтернатива. Но, интеграцијата на регионот во ЕУ е и стратешки интерес за самата Унија, па и геополитичко прашање, во контекст на заложбите за зајакнување на улогата на Унијата како актер во меѓународниот поредок. ЕУ им даде јасно ветување на државите од регионот дека имаат европска перспектива уште од времето на Солунскиот самит во 2003 година. Вложувањето на напори за реализација на ова ветување е прашање и за кредибилитетот на самата Унија. Често пати слушаме за замор од проширувањето, што од аспект на дневната политика е разбирливо, но стратешки, европскиот проект нема да биде комплетиран без интеграцијата на нашиот регион во ЕУ,“
додава Пендаровски.
Разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев во Скопје и Рим, ги оценува како позитивен сигнал за односите меѓу двете држави и намалување на тензијата која изминатиот период се подгревала на различни начини.
„Верувам дека е во интерес на двете држави, но и на самата ЕУ, час поскоро да се најде излез од ситуацијата и во тој контекст ги цениме напорите на Португалското претседателство со ЕУ. Нивниот предлог го сметаме за солидна основа за понатамошното водење на разговорите. Двете држави имаат капацитет да ги решаваат прашањата со дијалог. Впрочем, ние ова го докажавме со потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија во 2017 г., кој е мошне значаен договор и претставува основа за градењето на понатамошните односи и соработката меѓу двете држави и зближување на двата народи,“
потенцира Пендаровски.
Во однос на новите идеи за прекројување на границите Пендаровски вели дека не може истовремено да го одите европскиот пат, а од друга страна да поддржувате анахрони идеи кои припаѓаат на политичката историја и немаат ништо заедничко со реалноста.
„Распадот на поранешна Југославија е завршен процес. Секое ново отворање на прашањето на границите има потенцијал да не врати во ерата на војните од 90-тите години и да донесе нови човечки страдања и економско уназадување. НАТО го исполни своето ветување кон мојата држава и денес РСМ е 30-та полноправна членка на НАТО, која го гарантира територијалниот интегритет и независноста на мојата држава“,
додава Пендаровски.
За односите со Србија , Пендаровски оценува дека нема отворени прашања меѓу двете држави и дека Северна Македонија ја цени помошта со вакцините како пријателки гест кој не се заборава.
