Од опозицијата потенцираат дека висината на гаранцијата од 500 илјади евра е посебна приказна бидејќи Рашковски цел живот работи за плата. Сомнителен е, велат од ВМРО-ДПМНЕ, и целиот имот кој тој успеал да го стекне
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изразува сомнеж дека премиерот Зоран Заев е вмешан во одлуката на Апелацискиот суд во Скопје, на Драги Рашковски да му се замени ефективниот со куќен притвор.
Партијата смета дека пуштањето на ексгенералниот секретар во притвор е показател за заробениот систем и покажува дека „кога Заев те брани тогаш криминалот се простува“.
„Постои сериозна основа да се сомневаме дека Заев има вмешано прсти во ваквата одлука. Јавноста со право се сомнева и дека на овој начин може да се влијае врз сведоците и врз доказите, а со тоа и врз целиот судски процес. Очигледно, како Заев свири, така судовите и обвинителството играат. Да потсетиме дека пред недела дена Заев изјави дека Рашковски не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер и дека не верува во обвинението против него и денес гледаме како на Рашковски му се дозволува да биде во домашен, а не ефективен притвор“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека висината на гаранцијата од 500 илјади евра е посебна приказна бидејќи Рашковски цел живот работи за плата. Сомнителен е, велат од ВМРО-ДПМНЕ, и целиот имот кој тој успеал да го стекне.
Апелација денеска одлучи да го замени ефективниот со куќниот притвор. Ексгенералниот секретар, пак, од друга страна бараше воопшто да не му се одредува притвор и да се брани од слобода, а како гаранција дека нема да бега понуди кауција од 500 000 евра.
Гаранцијата беше прифатлива и за Вишото јавно обвинителство, меѓутоа апелацискиот судии воопшто не ја разгледувале бидејќи покрај опасноста од бегство оцениле дека постои и опасноста да влијае на сведоците и истрагата. Наместо тоа, одлучија мерката ефективен притвор да ја заменат со куќен.
