Од опозициската партија денеска се заканија со жестока реакција доколку, како што велат, се остварат намерите што премиерот ги соопштил уште во интервјуто за БГНЕС, додека од Владата ги оценуваат ваквите наводи како нов антидржавен потег на ВМРО-ДПМНЕ
Владата ги отфрла обвинувањата, со кои овие два дена настапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за тајни преговори со Бугарија.
„Секој ден нов антидржавен потег на раководството на ВМРО-ДПМНЕ – токму тоа се неточните и неодговорни изјави со кои свесно ги поткопуваат дипломатските процеси кои се во насока на откочување на евроинтегратиовниот процес на Северна Македонија што би требало да е заеднички интерес. Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно и гласно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ и домашната јавност и пошироката меѓународната заедница, наведуваат оттаму. ‘,
изјавија од Владата за МИА.
Во сите комуникации на членовите на Владата, наведуваат од Владата, во секоја пригода се потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на масата за преговори со која било страна.
„Очекуваме во важни периоди за државата максимална одговорност од сите чинители, а не популизам со манипулации за ситно партиски интереси“,
посочуваат од Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави вчера на Фејсбук информации што ги нарече алармантни, а во кои обвинува за, како што вели, ново предавство од дуото Заев – Бучковски. Информациите, како што наведува, ги добил од дипломатски извори.
„Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскиот јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија”,
тврди Мицкоски.
На истата тема, денеска прес-конференција одржа и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, обвинувајќи дека Заев и Бучковски преговараат за нешто што премиерот веќе го објавил во интервјуто за БГНЕС.
„Зоран Заев овие денови, со неговиот дует Бучковски, преговараат нешто што Заев веќе го најави во скандалозното интервју пред половина година – дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција што ќе значи прифаќање на анахроните позиции што беа изгласани во Декларацијата на бугарското собрание. Истите се спротивни на македонските национални интереси и се косат со европските права и слободи на секој народ. Самиот Заев тогаш рече дека е блиску до решение, но реакцијата на јавноста беше единственото нешто што го спречи да го направи тоа предавство. Затоа најавуваме дека доколку двоецот Заев – Бучковски се обидат преку овие тајни преговори, кои во изминативе три дена се водат во Софија да направат уште едно предавство, ќе ја имаат истата и уште посилна реакција од народот, и во институциите, и на улиците и на секоја можна форма што ќе го попречи ваквото предавничко однесување“,
се закани Милошоски.
