Општина Центар доставила десетина елаборати за суспензија до Министерството за транспорт, кое треба во идните денови да даде мислење дали ќе се суспендира цел Детален урбанистички план или само дел. Градоначалникот Саша Богдановиќ не прецизира дали меѓу елаборатите е и тој за паркингот спроти „Холидеј ин“, но вели дека постапката на собирање документи трае и сѐ уште не е завршена.
„Постапуваме по заклучокот, ја собираме целата документација, станува збор за обемна документација и тоа трае нормално зашто дел имаме кај нас, дел прибавуваме од други институции. Кога ќе имаме конкретна информација и по мислење на Министерството за одреден елаборат, ќе ви дадеме конкретна слика. Дали ќе биде дел, дали ќе биде цел опфат, на крајот ќе се заклучи во самото мислење. Ние сме ги дале сите параметри кои сметавме дека се потребни. Комисијата работи на тој проблем, станува збор за обемен материјал, бидејќи има многу земјишта кои се отуѓени со јавно наддавање за кои се почнати постапки. Потоа имате кривична одговорност, мора да координирате со обвинителство, со судовите бидејќи ако направите една мала штета тоа може скапо да ја чини Општината“,
изјави Богдановиќ.
Во однос, пак, на измените на Законот за урбанистичко планирање кои ги иницираат градоначалниците преку Министерството за транспорт, Богдановиќ вели дека целта е да се забрза постапката за носење нов ДУП.
„Измените на Законот нам ќе ни помогнат да ги забрзаме постапките. Еве, на пример, во Општина Центар центар има 31 план. За одреден план имаме ситуација да ни е враќан 10 пати. После укинувањето на мораториумот, вие не можете правно да спречите некој да си побара по стариот план, бидејќи веќе немате правна пречка. Затоа ни е брзањето, што побргу да траат процедурите, што побргу да се носат плановите за да може со нов план да го смениме стариот“,
додава Богдановиќ.
Измените на Законот за урбанистичко планирање утре се пред пратениците на собраниската Комисија за транспорт. Според објаснувањето на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, освен забрзување на постапките за носење нов ДУП, прецизно ќе се регулира и суспензијата на планот кој отстапува од Генералниот.
„Секаде каде што ги имаме тие отклонување, новиот закон предвидува суспензија на делови од деталните урбанистички планови и градоначалниците на општините се должи тие суспензии да ги носат, ако не, ние во фазата на одобрување на ДУП, укажуваме дека тука има отклонување од Генералниот урбанистички план“
изјави Шилегов.
Но дел од предложените измени на Законот предвидуваат и исклучоци, кога сепак ќе може да се применува одреден ДУП, во случај кога ќе престане да важи ГУП. Токму овие одредби од членот 35 предизвикаа реакции во јавноста која препозна обид за „протнување“ спорни планови за градба.

Па така, во членот 35 сега се додава нов став каде што се наведува дека, по исклучок, одреден детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува кога:
„Намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
Во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план“
се наведува во предложените измени на Законот за урбанистичко планирање.
Измените на Законот доставени до Собранието од Министерството за транспорт ќе се носат по скратена постапка, а според градоначалникот Богдановиќ неоправдани се реакциите на граѓаните и експертите, бидејќи немало конкретни забелешки што не чини во предложените измени на Законот за урбанистичко планирање.