Од просветниот инспекторат најавуваат вонреден надзор во школите за да проверат дали учебниците што се користат се одобрени од МОН, додека за разликите во цените на учебниците (повисока при откупот од Министерството и пониска при онлајн и продажба во книжарници) велат дека ќе ги известат Пазарниот инспекторат и Инспекцискиот совет
Останува отворено прашањето за откупот на учебници за следната учебна година откако првичните преговори со „Арс Ламина“ и „Арбериа Дизајн“ пропаднаа поради тоа што двете издавачки куќи не доставија договори за поседување на авторски права за учебниците, на што инсистира МОН
По сторијата на „360 степени“ во која објавивме дека издавачката куќа „Арс Ламина“ на државата и продавала учебници за значително повисоки цени од оние по кои истите учебници се продаваа онлајн и во книжарниците, Државниот просветен инспекторат најавува дека за ова ќе ги алармира Државниот пазарен инспекторат и Инспекцискиот совет.
Оттаму велат дека просветни инспектори ќе излезат на терен да постапат согласно нивните надлежности, односно да проверат дали во училиштата се употребуваат учебници одобрени од Министерството, додека за разликите во цените велат дека треба да постапуваат други институции.

„Од страна на Државниот просветен инспекторат ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во основни училишта со цел да се провери дали учебниците кои се употребуваат се одобрени од страна на Педагошка служба при Министерството за образование и наука (МОН). Во однос на наводите за продажба на учебниците во слободна продажба со поевтина цена од откупната цена за МОН, Ве известуваме дека Државниот просветен инспекторат ќе го достави барањето до Државен пазарен инспекторат на нивна надлежност и понатамошно постапување. За тоа ќе биде известен и Инспекциски совет на Република Северна Македонија“,
велат од просветниот инспекторат за „360 степени“.
Според Законот за учебници, издавачите имаат право да пуштат одобрен учебник во слободна продажба, но по цена по која го откупува Министерството. И покрај ваквата законска обврска, на интернет-страницата на „Арс Ламина“ забележавме дека дел од учебниците се значително поевтини отколку што лани ги купила државата. На пример, Математика за осмо одделение на слободен пазар чинеше 623 денари, а државата лани го платила 892 денари без ДДВ.

Еден од сопствениците на „Арс Ламина“, Дарко Фидановски, коментирајќи ги разликите во цените, првично, рече дека станува збор за грешка на сајтот, како и дека цените се од стара набавка од 2018 година, која тогаш соодветствувала со откупната цена за МОН. Набрзо по интервјуто на Фидановски за „360 степени“, цените на веб-страницата на „Арс Ламина“ поскапеа и приближно се израмнија со цената по која лани ги откупила државата, а истото се случи и со цените на учебниците во книжарниците.
Согласно член 6 од Законот за учебници во основното и средното образование, учебниците за јавните основни и средни училишта се бесплатни, но издавачот има право да го пушти во слободна продажба одобрениот учебник, по цена по која Министерството го откупува. Од МОН, за „360 степени“, велат дека со оваа законска одредба издавачот може да продава одобрен учебник во слободна продажба, но според последната постигната цена по која го откупува Министерството.
Откупот на кембриџ-учебници заглави на авторските права
Прашањето за тоа колкава ќе биде откупната цена за државата за годинашнава набавка на кембриџ-учебниците, не се отвори на преговорите што минатата недела се одржаа во МОН, бидејќи двете издавачки куќи кои ги имаат есклузивните права за овие учебници, „Арс Ламина“ и „Арберија Дизајн“ не почнаа преговори.

Причината е што Министерството годинава воведе новина во преговорите и им побара на издавачите да приложат доказ дека ги поседуваат авторските права за учебниците и да објаснат како ја формираат цената по која и ги продаваат на МОН.
Двете издавачки куќи рекоа дека вакви документи доставиле до МОН при постапката за добивање одобрение за нивно користење во училиштата и дека во овој дел од постапката не може да им се бараат авторски договори, ниту нивната вредност во вкупната цена на учебниците.
Но, министерката Мила Царовска вели дека досега не видела документ дека учебниците се одобрени од „Кембриџ“, иако за дел од нив низ годините Министерството ја продолжило важноста на одобренијата за употреба откако се направиле одредени корекции во содржините. Според неа, процедурата на која инсистира МОН е законски издржана, а авторските права и формулата за формирањето на цената за чинење на еден учебник е клучно за да се знае колку реално чинат тие.
Минатата година МОН платило 5,5 милиони евра за откуп на учебници, од кои околу 4,6 милиони евра завршиле кај „Арс Ламина“ и „Арбериа Дизајн“. Од воведувањето на кембриџ-програмата во 2014 година, „Арс Ламина“ има приходи од околу 18 милиони евра од продажба на учебници на државата. „Арбериа дизајн“ ѝ продала книги во вредност од околу 12 милиони евра на државата во истиот период, а во 2015 година беше и најголем поединечен донатор на ДУИ.