Според документите што тој ги презентираше, решението за отпочнување стечајна постапка било од причина што фирмата имала ненамирен долг од 16,5 милиони денари (околу 250 000 евра)
Фамозната фирма „СВ инвест“ на Столе Чифлигароски, еден од луѓето кој со Вице Заев одземаше тендери на компании коишто добиле во РЕК „Битола“, на 22 март објавила отпочнување стечајна постапка, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Станува збор за фирма која се поврзува со случајот во кој опозицијата тврди дека од фирмата „Рубитон“ било барано да отстапи дел од добиениот тендер за „СВ инвест“ или да плати рекет од 250 000 евра.
„Очигледно е дека сакаат оваа фирма свесно да ја затворат сите инволвирани во криминалот и да ја стават во стечај за да не ги поврзува ништо, ама баш ништо, ниту Столе ниту кој било друг со криминалот во РЕК ‘Битола’. Но, тоа се само нивни желби и тоа не оди така. Не може со затворање на фирма да се амнестираат делата доколку ги има и доколку е направен криминал, а видовме по пријавата дека ги има, на кој било инволвиран во целиот случај од пријавата“,
рече Арсовски.
Според документите што тој ги презентира, решението за отпочнување стечајна постапка било од причина што фирмата имала ненамирен долг од 16,5 милиони денари (околу 250 000 евра).
„Фирма, која од година во година ѝ растел профитот по 50, 100 и 200 проценти, и во 2019 година заработила 2,5 милиони евра оданочени, отпочнала стечајна постапка за неизмирено побарување од нешто над 250 000 евра“,
рече Арсовски.
Тој прашува зошто токму сега се отвора стечајна постапка за фирмата, односно дали постои можност сопственикот да ја напушти државата со заработените пари од РЕК „Битола“ и да избега?
„Да потсетиме, Столе Чифлигароски, сопственикот на ’СВ инвест‘, и индиректно Вице Заев, преку ’СВ инвест‘ се обидоа да изнудат тендер, без да исполнуваат услови за да го добијат тендерот, од фирма која си го добила на јавен повик во РЕК ‘Битола’ и притоа да ѝ направат штета на компанијата на којашто ѝ го изнудиле тендерот од нешто повеќе од над половина милион евра. Дополнително, истите тие луѓе барале 250 000 евра рекет во кеш од сопствениците на компанијата за да ги однесат во Струмица“,
рече Арсовски.
За случајот со РЕК „Битола“, во минатата средата Христијан Мицкоски одржа брифинг со новинарите. Зборуваше за рекет во врска со тендер за ископ на јаглен. Случајот, како што беше посочено на брифингот, почнува во 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил тогашниот директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Откако ова барање било одбиено, зашто, како што објасниле од „Рубитон“, тоа правно било неизведливо, Ковачевски, како што брифираше Мицкоски, понудил друга опција – да платат 250 000 евра, во кеш, за да можат да продолжат непречено да ја извршуваат работата според договорот утврден со добиениот тендер. Ако сопствениците на „Рубитон“ не сакале нему да му ја дадат сумата, тогаш предложил парите да ги однесат во Струмица кај лицето Вице Н.
Средба со Вице Н. била закажана, но не се одржала. На враќање кон Битола, како што стои во полициските белешки, сопствениците на „Рубитон“ добиле вибер-повик од Вице Н. кој им посочил дека друг човек, извесен Горан Крстев, ќе ја заврши работата во негово име. Парите не биле дадени, а до газдите на „Рубитон“ стигнале вибер-пораки од Вице Н. во кои се вели: „Ќе си ја тераш твојата работа, ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигне“. Оттогаш, како што се наведува во денеска презентираните документи, почнале проблемите на „Рубитон“ во РЕК „Битола“ – што на крај довело до раскинување на договорот и штета од околу половина милион евра.
- Опозицијата обвинува за корупција во РЕК „Битола“, се споменува лице Вице Н.
- (ВИДЕО) Мицкоски го дообјаснува случајот со РЕК „Битола“: Ако се отвори предистрага ќе се дознае вистината
Случајот бил пријавен во БЈБ и било составено известување кое на 27 февруари 2020 година, во времето на техничката влада во која партиципира и ВМРО-ДПМНЕ, е пратено до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Но, како што велат од опозициската партија, и тука се јавува сериозен проблем – постојат две верзии на известувањето. Во првата стоел делот со Вице Н., додека во втората Вице Н. бил изоставен.
Ваквите наводи, пак, ги демантираа и Вице Заев и РЕК „Битола“, а реагираше и СДСМ и функционери од владејачката партија.
- Вице Заев за „Фокус“: Сѐ што кажа Мицкоски е лага
- РЕК „Битола“ ги демантира обвинувањата на опозицијата за коруптивен скандал од 250 илјади евра
- Николовски: Мицкоски ја манипулира јавноста со наводен скандал во РЕК Битола
Овој случај во јуни лани во јавноста го актуализираше и бившиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во време на техничката влада, кога информираше дека против Васко Ковачевски има кривична пријава за злоупотреба на службената положба и изнуда. Тогаш Чулев не ги спомена имињата на фирмите, но описот на дејствијата во врска со тендерот и сумата од 250 000 што била барана се поклопуваат.
Во тој период се огласи и Ковачевски, кој беше назначен за директор на РЕК „Битола“ во 2018 година, а на позицијата остана до 23 јули 2019 кога надзорниот одбор на АД ЕСМ го назначи за претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ. Тој му возврати на обвинувањата од Чулев, најавувајќи дека ќе му поднесе пријава поради лажните обвинувања.