Заменик-министерот за здравство вели дека и за него претставува товар носењето маска на отворен простор, како и дека е за укинување на ограничувањето на движењето. Сепак, посочува дека утре за рестрикциите ќе одлучува Комисијата за заразни болести, врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација и предвидувањата во однос на новите соеви на вирусот
Можно е олеснување на мерките против ковид-19 од следната седмица, според очекувањата на заменик-минисерот за здравство Илир Хасани.
„Комисија за заразни болести утре ќе дискутира за олеснување на мерките. Имајќи ги предвид бројките, кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам, кои мерки конкретно. Меѓутоа сите мерки, кои се преземени, ќе подлегнат на уште една ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повлечеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани“,
изјави Хасани.
Тој потврди дека прва тема за дискусија на Комисијата за заразни болести ќе биде носењето маски на отворено. Хасани вели дека, како и други граѓани, носењето маска на отворено го чувствува како товар.
„Јас лично носам маската и на отворено. Но, ја чувствувам како голем товар, како и сите граѓани, особено на шеталиштата, по парковите. Кога сме сами во парковите или со децата, маската е навистина тежина“,
вели Хасани.
Тој е и за целосно укинување на полицискиот час, но, како што вели, за тоа треба да одлучи Комисијата за заразни болести.
„Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација, на параметрите, врз основа на предвидувањата и информациите што ние ги имаме во однос на другите соеви кои се потенцијален ризик за нашата држава, како на пример индискиот сој. Треба да бидеме многу внимателни за да го зачуваме здравјето“,
нагласи Хасани, како што пренесува МИА.
Во однос на и натаму големиот број смртни случаи, за разлика од големото намалување на новозаразени со коронавирусот, заменик-министерот за здравство смета дека тоа е поради тоа што во болниците останале најтешките случаи со пролонгирана болест.
„Генерално, мислам дека тоа е очекувано, бројот на смртните случаи да се намали две-три недели можеби и четири по намалувањето на бројот на новозаболени пациенти“,
вели Хасани.
Тој денеска присуствуваше на отворање на реновираното одделение за хронично болни во Психијатриската болница во Бардовци и рече дека по долго време во една тешка пандемија реконструирање на здравствена установа е многу добра вест.
Директорот на болницата Ќамиљ Ковачи појасни дека во употреба се пушта одделение во кое се третираат околу 40 хронично болни.
„Вредноста на инвестицијата е 15 милиони денари, средства обезбедени од сопствениот буџет“,
информира Ковачи.