Словачката Влада побара од министерот за здравство до 7 јуни да ја направи вакцината достапна до граѓаните
По Унгарија, Словачка стана втората земја-членка на ЕУ што ја одобри вакцината „спутник В“ од руско производство и ќе започне со нејзино користење, иако истата сè уште не е одобрена од регулаторното тело за лекови во Унијата – ЕМА.
Користењето на „спутник В“ се очекува да започне за десетина дена со оглед дека словачката Влада побара од министерот за здравство, Владимир Ленгварски, до 7 јуни да ја направи вакцината достапна до граѓаните.
Словачка веќе има на располагање 200 000 дози од руската вакцина, но досега не дозволи нивна употреба со оглед дека сè уште не е одобрена од ЕМА.
Унгарија досега беше единствената членка на ЕУ што ја користи вакцината „спутник В“.
Исто така, изминатиот период и други земји почнаа да размислуваат и преговараат со Русија за набавка на оваа вакцина. Меѓу нив е и Австрија чиј канцелар, Себастијан Курц, на почетокот на април објави дека ги завршиле преговорите за набавка, но сè уште не е познато дали ќе чека и официјално одобрување од ЕМА.