Апсурдно е на референдум да се блокираат напредокот и дигитализацијата со кои се осовременува образованието и промените мора да се случат, велат од Министерството за образование и наука како одговор на новиот обид за собирање потписи за референдум за предлог-законот за учебници.
„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив примената на електронски уред за совладување одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства. Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки закон за учебници што ќе биде донесен во државата“,
велат од Министерството.
Додаваат дека ќе бидат вклучени теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности, а можноста за ажурирање на учебниците секоја година, пак, ќе значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.
„Уште еднаш апелираме до сите што сакаат да придонесат за унапредување на законското решение, кое достапно на веб-страницата на МОН, можат да го сторат тоа преку повеќе канали за непосредна комуникација со Министерството за образование и наука кое продолжува да работи транспарентно, отворено и, како и досега, сите промени да ги креира преку широка јавна дебата и инклузивен процес со учество првенствено на засегнатите страни и со многубројни други општествени чинители. Потсетуваме дека промените во врска со материјалите за учење се дел од поширок план за реформа на националниот образовен систем, содржан во програмата за работа на Владата и на Министерството за образование и наука кој, пак, е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации како ОЕЦД и УНИЦЕФ“,
велат од МОН.