Според досегашните резултати од гласањето на платформата, трите граѓански предлози кои во среда ќе бидат ставени на агендата на Советот на Градот од советничката Драгана Велковска се субвенции за стерилизација на милениците, предлог за пристапни улици и тротоари за лицата со хендикеп и предлог за отстранување на хаварисаните возила од Скопје
Стотици корисници на платформата „МојГрад“, само во првата недела од постоењето на независната платформа со гласање за повеќе предлози се приклучија на идејата за демократизација на локалната власт во Скопје.
Според досегашните резултати од гласањето, трите граѓански предлози кои во среда ќе бидат ставени на агендата на Советот на Градот од советничката Драгана Велковска се субвенции за стерилизација на милениците, предлог за пристапни улици и тротоари за лицата со хендикеп и предлог за отстранување на хаварисаните возила од Скопје.

И викендов скопјани ќе можат да гласаат за нивните омилени предлози на МојГрад, во пресрет на седницата на Советот во среда.
„Со ваквиот механизам за пренесување на предлозите на корисниците на платформата во Советот од страна на советничката Велковска, за прв пат се овозможува директно изразување на желбите и потребите на скопјани во локалната администрација, што беше и причината на основањето на платформата минатата недела од екоактивистот и креатор на апликацијата МојВоздух, Горјан Јовановски“,
се вели во соопштението од „Зелен хуман град“.
МојГрад претставува алатка на проектот „Зелен Хуман Град“ во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, а целта на Велковска и Јовановски е во следните месеци оваа алатка да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми.