Целта на проектот е да се помогне на малите бизниси во време на ковид-19 и да се испрати порака за заедништво. Ние веруваме во поддршка на уметници, мали бизниси и дека пицата треба да биде бесплатна, вели Дарко Ристевски од Битола, кој е дел од организацијата на уметници и програмери што ja организираат акцијата во повеќе од 500 пицерии ширум светот
Бесплатни пици денеска се делат во две пицерии во Битола и Скопје како дел од т.н „Најголемата пица-забава во светот“ по повод 22 мај – познат како „биткоин-пица ден“.
Пицеријата „Мама Италијана“ во главниот град дели гратис пици по случаен избор, а во Битола се делат парче-пици во пицеријата „Метро“.

Акцијата која паралелно се одржува во голем број држави ширум светот, ја организира „ПИЦА ДАО“ – Децентрализирана автономна организација, формирана од група уметници и програмери обединети во љубовта кон уметноста, криптовалутата и технологијата, а која денеска брои илјадници членови.
Еден од членовите е Дарко Ристевски од Битола кој вели дека целта на проектот „Ретки пици“ е да се помогне на малите бизниси погодени од пандемијата и да се даде чувство на заедништво преку глобално споделена љубов кон пицата. Тој објаснува дека приходите од „крипто уметност“ како продажба на цртежи, колекционерски слики и дигитални илустрации организацијата ги донира за акции за добротворни цели и за хуманитарни организации.
Идејата за оваа „пица-забава“ дошла случајно откако организацијата заработила 1,5 милион американски долари, од кои дел решиле да ги донираат и да дадат по 600 долари на пицерии ширум светот. Дел од парите се награда за вработените, а дел се за пиците што денеска се делат бесплатно.

„Проектот ги поврзува уметниците, програмерите и љубителите на пицата кои сакаат да ги поддржат локалните бизниси кои биле погодени од пандемијата. Ние веруваме во поддршка на уметници, мали бизниси и дека пицата треба да биде бесплатна. Претходно, приходите од крипто-уметноста ги дониравме во хуманитарни организации, а идејата за пиците дојде сосема случајно, додека разговаравме дека пицата треба да е бесплатна за сите“,
вели Ристевски.
Но, реализацијата на акцијата не одела лесно. Ристевски вели дека особено на Балканот било тешко да ги убедат угостителите кои не верувале во идејата.
„Навистина не ни беа важни парите, задоволството е големо. Да се помогне колку што може. Бесплатни пици денеска се делат во повеќе од 500 пицерии ширум светот, главно надвор од Балканот. Тука ни беше најтешко да најдеме соработници и да ги убедиме да бидат дел од оваа пица-забава. Концептот на делењето на пиците го оставаме на пицериите“,
вели Ристевски.
Акцијата годинава се случува за прв пат, а 22 мај е избран бидејќи е познат како „биткоин-пица ден“ – во чест на програмерот Ласло Ханиец кој во 2010 година купил две пици со 10 000 биткоини. Десет години подоцна вредноста на 10 000 биткоини е повеќе од 370 милиони долари.