Во најитен рок сопственикот „Метрудхем“ мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и за нивно евентуално чување на локацијата, соопштија од Инспекторатот
На итен увид во кругот на поранешната топилница во Велес излегле инспектори од Државниот инспекторат за животна средина, откако вчера имало силна експлозија во кругот на објектот, по што избил пожар.
„Топилницата е индустриско еколошко жариште, а објектите се во сопственост на ‘Метрудхем’. Увид на терен направија и инспектори од СВР Велес и констатирано е дека пожарот избувнал во тек на сечење метал од постројка за филтрирање. Но не може да се утврди дали причината е контакт на искра со стара електрична инсталација или со талог од експлозивна хемикалија“,
соопшти ДИЖС.
За да се спречи можна хаварија, државен инспектор за животна средина вчера изрекол усна забрана за работа на „ЗД отпад – Охрид“, компанија која е ангажирана од „Метрудхем“ да го отстрани отпадниот метал од локацијата.
„Во најитен рок ‘Метрудхем’ мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и нивно евентуално чување на локацијата. Истовремено, се врши надзор и врз ‘ЗД отпад Охрид“, за да се утврди колкави количини отпаден метал се веќе отстранети и дали отпадниот метал е потенцијално контаминиран со опасни материи“,
се вели во соопштението од Инспекторатот.
По анализата на документацијата и прибирањето докази, ДИЖС информира дека ќе бидат преземени соодветни мерки.
Велешкиот портал Дума.мк објави вчера дека биле запалени остатоци од материјали на ѕидовите на филтерската постројка, од која при горењето се ослободил густ бел чад со изразена непријатна миризба. Пожарот го пријавил граѓанин околу 10:50 часот во Територијалната противпожарна единица – Велес. Пожарникарски екипи излегле на терен и за 40 минути го локализирале огнот.