Според „Алмакос“, рускиот амбасадор во Скопје пред четири дена бил повикан во МНР, каде што му било посочено дека дипломатот за неколку часа треба да ја напушти земјава
Попладнето на 14 мај 2021 година, рускиот амбасадор во Северна Македонија, Сергеј Александровиќ Баздикин, бил повикан во Министерството за надворешни работи, каде што бил известен дека еден руски дипломат е прогласен за персона нон грата и дека за неколку часа треба да ја напушти земјата, пренесува „Алмакос“.
Веста на Баздикин му ја пренел официјален претставник на Министерството за надворешни работи, во согласност со дипломатскиот протокол. Како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.
Образложението, како што пренесува „Алмакос“, е дека Владата на Северна Македонија покажува будност во зачувувањето на својот суверенитет од руското однесување.
Северна Македонија презеде мерки и во 2018 година против еден „дипломат“, веднаш по скандалот со труењето на Сергеј Скрипал во Велика Британија. Сепак, оваа одлука беше донесена во знак на солидарност со Велика Британија, САД и ЕУ, пренесува „Алмакос“.
Прогласувањето на дипломатот за персона нон грата не е објавено во јавноста, а порталот потсетува на неодамнешните активности на европските држави за откривање шпионски групи во своите земји и, следствено на тоа, прогласувањето на многу руски разузнавачки службеници за персона нон грата.