Делегациите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија оваа година заедно ќе го одбележат Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Претседателите на двете држави, Стево Пендаровски и Румен Радев на 26 мај заедно со бугарски авион ќе отпатуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари, ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“, како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан.
Според програмата, македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев, ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, пак, на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде што ќе чиноначалствува со молебен на гробот на св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на ковид-19.
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година, а меѓу нив централно место има поклонувањето на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.