Во пресрет на локалните избори, опозициската партија ја продолжува кампањата „Пратениците со народот“
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и денеска ја продолжија кампањата насловена „Пратениците со народот“, така што остварија средби со граѓани низ неколку општини во државата.
Пратеникот Иван Јорданов оствари средба со жителите на Штип, каде што, како што соопштија од партијата, посочил дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи во Собранието да предлага и да гласа закони само во интерес на граѓаните, а не во интерес на владејачкото мнозинство и гарнитура на СДСМ и на Зоран Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од жители на Штип, Јорданов добил низа укажување за лошо менаџирање на локалната самоуправа од страна на актуелниот градоначалник, како и за лоша реализација на ветените проекти, нагласувајќи, како што се наведува, дека на градот и на граѓаните им е потребна промена, како и нова сила и енергија која што ќе работи за подобрување на животот на штипјани.
Бојан Стојаноски оствари средба со жители на Ѓорче Петров, кои, како што се тврди, исто така, се пожалиле дека властите не направиле ништо за оваа скопска општина и дека не паметат кога последен пат ги посетил некој од власта.
Пратеникот Бране Петрушевски оствари средба со жители на село Горно Коњаре, Кумановско. Таму неговите соговорници реагирале дека „лажните ветувања на владата и градоначалникот излегле на површина уште на самиот почеток од преземањето на работата на општината“, додавајќи дека „целокупната слика во државата е незадоволство од неспособноста на локалните власти, но и централната власт“.
Петрушевски, како што велат од опозициската партија, ги слушнал проблемите со кои се соочуваат жителите од овој регион, поради недоволната реализација на проекти, и истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе ги предложи најдобрите кадри за градоначалници и советници, на кои единствена обврска ќе им биде да ја реализираат програмата со која ќе настапат, со цел создавање поквалитетен живот.
