Еден од аргументите со кои министерот за транспорт и врски ги брани последните законски измени е дека тие се носеле во дебата со опозицијата
Најмалку четири разлики меѓу новото и досегашнто законско решение за легализација на дивоградбите набројува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, откако законските измени поминаа во парламентот, со поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а потоа наидоа на вето од претседателот Стево Пендаровски.
„Да бидеме на чисто, никој во државата, ниту јас, ниту кој било друг, би се согласил со носење на закон за бесправно изградени објекти доколку такви објекти не постојат или доколку тие се во занемарливо мал број. Но денес се уште постојат преку 50 илјади бесправно изградени објекти, објекти кои се реалност. Тоа во најголем дел се објекти на наши сограѓани кои успеале да изградат кров над глава, за себе и за своето семејство“,
напиша Бочварски на фејсбук.
Бочварски нагласува дека има неколку значајни разлики помеѓу претходниот Закон за бесправно изградени објекти, кој, како што нагласува, многу често „беше критикуван од наша страна“ и сегашното законско решение:
- Не се согласувам со членот во претходниот Закон за бесправно изградени објекти, каде што сумата за плаќање на надоместокот беше 1 евро за квадратен метар. Со тоа беа казнети оние кои редовно граделе и платиле 100 евра комунален надоместок (во зависност од општината во која се наоѓа објектот). Со новиот закон за бесправно изградени објекти за ставање во правна рамка на одреден објект граѓаните треба да платат (100 евра плус 50% казнени пенали или 150 евра за метар квадратен). Со ова правиме притисок и ги одвраќаме граѓаните од ваквите постапки.
- Дополнително во овој закон со посебен член се третира заштита на регионот кој е заштитен од УНЕСКО, а кој претставува природно и културно наследство
- Целосно ја елиминираме можноста за легализирање на објекти за колективно домување со намена А2. Нешто што во претходниот закон постоеше како можност.
- На крајот, овој закон денеска се носеше во дебата со опозицијата и јавноста подолг временски период.