Според владејачката партија, законските измени што се во собраниска процедура предвидуваат решавање на статусот на над четири илјади наставници и стручни соработници кои во моментов се ангажирани на определено работно време
СДСМ се пожали денеска дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието и измените на Законот за наставници, кој, покрај другото, треба да овозможи и директно вработување на наставниот кадар на неопределено време.
Пратеничката Даниела Колева изјави на прес-конференција дека во собраниска процедура се влезени измените и дополнувањата на Законот за наставници и стручни соработници во основните и во средните училишта, како и Законот за Бирото за развој на образованието.
„Наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови. Тоа значи дека со новиот закон им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на негово стапување во сила се ангажирани на определено време, ако за тоа ги исполнуваат условите. На овој начин би се опфатиле 1 464 наставници и стручни соработници кои во моментов се ангажирани на определено работно време до две години, како и 3 326 наставници ангажирани на определено работно време над две години. И секогаш кога во Собранието се наоѓа важен закон за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ кочи и блокира. Уште на комисиската расправа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираат овој закон кој е во интерес на наставниците, но и на учениците и нивните родители“,
рече Колева.
Таа оцени дека ВМРО-ДПМНЕ се противи наставниците и стручните соработници да добијат правна и економска сигурност, да се ослободат од стресот предизвикан од неизвесноста дали ќе им се продолжи работниот однос, тие, како што рече, се против тоа да се обезбеди континуитет во реализацијата на наставниот процес.
„Сепак, и покрај овие блокади, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ќе ги искористи сите механизми овие измени да бидат донесени, со што ќе ставиме крај на неправдите кон одреден број наставници и стручни соработници кои немаа еднаков статус со нивните колеги“,
рече Колева.
