Дел од медиумите објавија вест за наводен инцидент во скопската населба, повикувајќи се на неофицијални информации и потсетувајќи на настанот во Бутел
Лажна е веста дека вечерва имало престрелка, жртви и повредени во скопската населба Ченто.
Од МВР велат дека веста е лажна и дека нема таква пријава, туку дека во Ченто вечерва се случила сообраќајка.
Информацијата за наводното пукање првично се прошири на Твитер.
Подоцна и дел од медиумите пренесоа вест за наводен инцидент, повикувајќи се на неофицијални информации.
На прашањето од „360 степени“ дали има пукање во Ченто од МВР првично одговрија: „Лажна вест“.
„Дел од порталите вечерва шират лажни вести за наводна престрелка во скопската населба Ченто и дури лицитираат со повеќе убиени. МВР апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви подметнувања и да не веруваат на лагите кои ги пласираат овие портали, туку да се информираат од професионалните медиуми кои објавуваат проверени информации. Во Ченто вечерва имаше сообраќајна незгода, а не престрелка, како што беше објавена лажна вест“,
се посочува во демантот од МВР.
Дел од медиумите и порталите што ја пренесоа информацијата за наводни жртви при престрелка во Ченто ја поврзаа со вчерашниот настан што се случи во Бутел.