Во средината на март француските здравствени власти ја ограничија употребата на оваа вакцина на оние над 55 години, поради ретки случаи на атипична тромбоза и нарушувања на коагулацијата
Француската министерка за здравство Оливија Веран вели дека вакцинацијата со „Астра Зенека“ во Франција, веројатно, нема да се прошири на оние на возраст под 55 години.
Во средината на март француските здравствени власти ја ограничија употребата на оваа вакцина на оние над 55 години, поради ретки случаи на атипична тромбоза и нарушувања на коагулацијата. Запрашана дали владата размислува да ја прошири употребата на вакцината на оние под 55 години, Веран одговори:
„Веројатно не во овој момент“.
Француската министерка, исто така, рече дека чека одговор од Националната здравствена управа (ХАС) за можноста да им се овозможи на сите, без оглед на возраста, да се вакцинираат со „Астра Зенека“, со потпишување изјава за сопствена одговорност.
Во саботата францускиот премиер Жан Кастекс повика околу 13 милиони Французи постари од 55 години, кои не примиле вакцина за коронавирус, да се вакцинираат „со сите вакцини, особено со ‘Астра Зенека’“.
„Властите во Франција, како и на други места, се едногласни дека нема опасност за луѓето над 55 години. Ве повикувам да се вакцинирате со сите вакцини, особено со ‘Астра Зенека’“,
рече Кастекс.
Од почетокот на вакцинацијата со „Астра Зенека“, според Француската агенција за лекови, во земјата се регистрирани „30 случаи, вклучително и девет смртни случаи“ поради тромбоза, од над 3 855 000 дози дадени на 29 април.
По појавата на случаите на тромбоза во повеќе земји, Европската агенција за лекови смета дека оваа појава треба да се наведе во упатството како можна нуспојава.
Откако вакцинацијата беше ограничена на лица над 55, односно 60 години, Германија минатата недела одлучи да се дозволи вакцинација за сите полнолетни граѓани.