Стотици поранешни припадници на индискиот воен медицински персонал ќе бидат регрутирани со цел да помогнат во справувањето со лошата состојба во земјата предизивкана од ковид-19.
Болниците во Индија и понатаму се соочуваат со недостаток на боци со кислород, а потребата од нив се зголемува. Веќе една седмица, Индија руши рекорди со новозаразени и смртни случаи на дневно ниво, а се зголемува и бројот на случаи со тешка клиничка слика, но болниците немаат ниту доволно болнички кревети за сите да ги хоспитализираат.
Околу 400 медицински службеници од индиската армија се очекува да служат по договор најмногу 11 месеци, соопшти Министерството за здравство на Индија, додавајќи дека и други воени лекари биле контактирани за консултации преку интернет.
Многу индиски држави воведоа строги блокади во текот на минатиот месец, додека други најавија ограничувања на движење.
Расте и притисокот врз премиерот, Нарендра Моди, да воведе блокада на целата територија на земјата, како што беше случај за време на првиот бран минатата година.
Индиската медицинска асоцијација повика на „целосно, добро испланирано, претходно најавено“ затворање наместо ноќни полициски часови и ограничувања воведени од државите за по неколку денови.