Изјавите на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, за можното одвојување на С Македонија и Албанија во притапниот процес кон ЕУ, предизвикуваат чудење во круговите на Унијата, пишува австрискиот весник „Стандард“, пренесе „Дојче Веле“.
„Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми“,
изјавил Висок претставник на Европската комисија за „Стандард“.
Истиот извор дополнува дека му е нејасно зошто воопшто се шпекулира за разделување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката ќе ја донесе Советот на ЕУ, а таму не постојат никакви амбиции за раздвојување.
Како што пишува „Стандард“, во кругови на ЕУ постои претпоставка дека однесувањето на Вархеји кон Северна Македонија се должи на поддршката која унгарскиот премиер Виктор Орбан и ја дава на македонската национал-конзервативната опозиција.
„Како комесар за проширување тој не смее да си дозволи да се води од лични симпатии“,
вели претставникот на ЕУ, алудирајќи на Вархеји.
„Во дипломатски кругови се наведува дека Вархеји баш и не се прославил во однос на поддршката на социјалдемократската влада во Скопје да го надмине ветото на Бугарија. Напротив: Тој дури покажувал симпатии за националистичката позиција на бугарската влада“,
пишува „Стандард“.
Утре во рамките на Советот на ЕУ повторно ќе се разговара за државите од Западниот Балкан, а тема ќе биде и Северна Македонија. И држави како Австрија, кои се залагаат за почеток на преговорите, сакаат да му помогнат на Скопје, пишува „Стандард“.