Премиерот Зоран Заев од денеска ја започнува набиената европска турнеја во која ќе се сретне со бројни претставници од ЕУ, а ќе отпатува и во официјална посета на Мадрид, најавија од Владата.
Денеска, Заев заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, ќе заминуваат за Брисел каде во седиштето на ЕУ, според најавата, ќе имаат средби со: претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен; претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли; потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика Јосеп Борел; извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимемерманс и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Во Брисел Заев ќе се сретне и со шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, која е актуелен претседавач со ЕУ.
Според најавата од Владата, таму премиерот ќе има уште средби со неколку европратеници: Дачиан Чолос – претседавач на групата Europe Renew; Илхан Ќучук – известувач за Северна Македонија и со Мирослав Лајчак – специјален претставник на ЕУ.
Од Брисел, Заев во друштво на Димитров ќе отпатува и за Мадрид што ќе биде прва посета на Шпанија на премиерско ниво. Покрај со шпанскиот премиер Педро Санчез, ќе се сретне и со претседателката на Сенатот, Пилар Лоп Куенка, како и со претседателот на Шпанската конфедерација на работодавци, Антони Гараменди.
Турнејата премиерот ќе ја заврши со посета на Грција каде веќе беше најавен како учесник на Економскиот форум Делфи. Во Атина тој ќе има официјална средба со грчкиот колега, Кирјакос Мицотакис, а на маргините на форумот ќе се сретне и со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас; бившиот британски премиер, Тони Блер, и др.
На форумот Делфи, покрај Заев ќе учествуваат и Димитров, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши.