Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја прими првата доза од вакцината против ковид на кинескиот производител „Синофарм“. Тој се вакцинираше на пунктот во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Денеска ја примив вакцината на ‘Синофарм’. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали, има точни индикации, односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓани кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите“,
изјави Филипче.
Според него, процесот на имунизација треба да помогне да се подобри епидемиолошката слика во земјата, но и во светот.
„Пандемијата нè научи на многу работи уште од почетокот на минатата година, да бидеме сплотени и обединети околу почитување на превентивните мерки кои се темелат на универзални принципи на заштита од ширење на вирусот, а сега во оваа фаза еден нов момент повторно да бидеме сплотени и обединети околу тоа да ставиме приоритет на вакцинацијата како еден од клучните елементи со кои може да се смени целокупната слика за пандемијата кај нас“,
вели Филипче.
Тој рече дека системот за вакцинација добро се спроведува и во текот на вчерашниот ден се вакцинирале околу 10 000 граѓани во земјава. Овој систем, појасни, со центри за масовна вакцинација, повеќе спортски сали по примерот на салата „Борис Трајковски“, добро се одвива во државата.
Посочи дека одлучиле Владата да биде една од институциите што ќе се вакцинира непосредно после Собранието, како институција која е битна за функционирањето на државата.
