„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа“, рече портпаролката на ЕК коментирајќи го можното одвојување на Скопје и Тирана
Портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро денеска рече дека ставот на Комисијата е дека и С Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот и дека она што го кажа еврокомесарот Оливер Вархеји за можното раздвојување, е една од опциите во теорија, јави МИА од Брисел.
„Позицијата на Европската комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“,
рече Писонеро.
За изјавата на Вархеји портпаролката рече дека еврокомесарот посочил оти е потребна согласност од земјите членки на ЕУ за одржување на меѓувладината конференција, чин што го означува формалниот почеток на преговорите со ЕУ.
„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа“,
рече Писонеро коментирајќи го можното одвојување на Скопје и Тирана.
Доколку дојде до тоа земјите членки да одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската комисија не би се противела на овој став, објасни Писонеро, бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови.
Премиерот Зоран Заев в понеделник ќе се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со која се очекува да биде отворена оваа тема.
Вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во изјава за „Еуроњуз“ потврди дека е возможно да се одвојат процесите за пристапување кон ЕУ на С Македонија и Албанија. Досега и двете земји одеа „во пакет“, но Вархеји најави можно продолжување на процесот само со Албанија, сѐ додека С Македонија не го реши спорот со Бугарија.
„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека немаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за заедничко решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“,
рече Вархеји.
Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок велат дека нивните земји ја поддржуваат целта на португалското претседателство со ЕУ да ги одржи првите пристапни меѓувладини конференции со С Македонија и Албанија во јуни.